Владејачкото мнозинство ја бојкотираше дебата во собраниската Комисија за ветото на Бугарија

На денешната седница на Комисија за надворешни работи во Собранието на Република Македонија која беше закажана од вчера, не се појавија пратениците од владејачкото мнозинство.

На седницата на Комисијата требаше да се разговара за актуелните прашања со најавеното вето на Република Бугарија за утврдување на преговарачката рамка со Европската Унија. За некое прашање кое е од круцијален национален интерес, прашање кое е многу значајно за иднината на нашата земја сме соочени со де факто бојкот на работата на работните тела на Собранието.

-СДСМ е политичка партија која што го бојкотираше Собранието кога беше во опозиција, СДСМ е политичка партија која го бојкотира Собранието кога е на власт, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски.

Според Муцунски, повеќе од неопходно е да се разговараат отворените прашања кои можат да бидат причина за застој на евроинтегративниот пат, вклучувајќи ги и оние кои се поврзани со преговарачката рамка.

-Посебно ме загрижува фактот дека покрај постоењето на договор за добрососедство и пријателство со Република Бугарија, кој што беше своевремено најавуван како историски исчекор напред во односите на двете држави, зачестените најави на бугарски официјални лица и реалноста ни покажуваат дека се соочуваме со сосема поинаква слика проткаена со притисоци, кои истовремено не ни дава реална верба и оптимизам дека во блиска иднина е можно изнаоѓање на соодветно решение, рече Муцунски.

Тој потенцираше дека поради асиметричните еднострани договори, каков што е договорот со Бугарија произлегоа еднострани обврски за Македонија и тие предизвикуваат сериозни последици.

За овие договори не беше воден демократски дијалог и не беше консултирана експертската јавноста во Македонија, што предизвика штета на позициите на државата. Тој апелираше на градење на заеднички став и вцртување на долгорочен курс на дипломатијата по однос на ваквите стратешки приоритети на Република Македонија.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска, повика на поставување на национална црвена линија, врз основа на која ќе се изгради заедничко консензус околу преговорите со соседите.

-Ние не треба да се докажуваме дали припаѓаме на Европа, ние сме дел од Европа. Македонскиот народ е реалност и македонската унитарна држава е реалност, рече Василевска.

Таа ги повика колегите од власта да не бегаат од дискусија на овие прашања, туку треба се приклучат, бидејќи е срамно и со своето неучество ние сериозно влегуваме во аргументите на оние кои сакаат да докажат дека ние воопшто и не постоиме.

Пратеникот Александар Николоски истакна дека нема официјално образложение за отсуството на членовите на Комисијата од редовите на владејачкото мнозинство, а доколку е политичка одлука тогаш истата требало да ја соопштат.

-Имајќи предид дека Комисијата не се закажа од 9 часот за 11 утрово, туку беше претходно закажана, она што минимум го очекував е пратеничките групи од мнозинството, пред се од СДСМ и ДУИ да излезат во јавноста со став зошто решиле да ја бојкотираат работаат на Комисијата за надворешнио работи. Да го чуеме нивниот политички став и да можеме да се спротивставиме на нивниот политички став, затоа што во Собранието работите се решаваат низ дискусија и за нив гласа мнозинство. Имајќи предвид дека во оваа Комисијата имаат мнозинство, не можам да разберам зошто решија да дејствуваат со бојкот. Сите ставови кои се неприфатливи за нив или може да не ги гласаат или да извлечат заклучоци какви што сакаат затоа што имаат мнозинство, рече Николоски.

Според него, бојкот на вакво прашање кое е прашање број еден за Македонија создава преседан за однесувањето на останатите политички партии.

-И Зоран Заев како претседател на Влада и Бујар Османи како министер за надворешни работи и Никола Димитров како попретседател на Влада се избрани од Собранието и бегаат од дебата за прашањето број еден за државата. Воопшто физички не сакаат да се појават ниту тие, ниту пратениците од владејачкото мнозинство, што покажува дека имаат нешто многу големо да скријат. Тие кријат ама нивните колеги од другата страна на границата кажуваат повеќе. Македонската јавност е свесна што се случува и ако мислат Заев, Османи и Димитров дека нема да се појават и ја стават главата во песок и дека работите кои ги прават нема да се видат во јавноста, мислам дека се лажат, истакна Николоски.