Владејачкото мнозинство во Собранието го одби предлогот за амнестија на осудените во случајот „27-ми април“

Предлог-законот кој беше поднесен од пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а на претходна иницијатива на адвокатите Јанаки Митровски и Драган Пешевски, во четвртокот го поддржаа 41 пратеник, додека 58 пратеници на владејачкото мнозиснтво беа против.

Според пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, осудата на лицата од случајот „27-ми април“ е најголема неправда во поновата историја на земјата. Порачаа дека како исчекор кон враќање на довербата во правосудството е потребно да се исправи огромната неправда кон осудените на повеќегодишните затворски казни.

Пред гласањето по Предлог-законот, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, од собраниската говорница ги повика пратениците да покажат простување и помирување и, како што рече, да излезат од длабоките ровови на омраза и реваншизам, да покажат човечност и да не гледаат од која страна доаѓа предлогот.

„За мене и мојата пратеничка група тие се уставобранители. Не знаеја дека некој стои зад ова и кој контролирал многу повеќе, многу порано и многу подоцна. Не знаеја, ама не им дозволија ни македонските судови тоа да го докажат. Ги вметна Заев во еден политички монтиран случај кој заврши како на брза лента и заврши со нивна затворска казна од преку два века. Судските постапки што следуваа беа компромитирани, пред сè од политичарите. Произлегоа најразлични правни односно политички квалификации кои целосно ги контаминираа судските процеси, прогласувајќи ги осудените за државни непријатели и терористи, при што не се виде ниту еден доказ за објективно докажани намери за непријателска дејност против државата“, рече Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ.

За време на седницата, пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев, реагираше дека на двајцата адвокати Јанаки Митровски и Драган Пешевски, кои беа иницијатори на овој предлог-закон, не им било дозволено да пристуствуваат на седницата, иако на тоа имале право како предлагачи.

„Иако овие адвокати прописно побарале да бидат присутни денес во галеријата, вие сте им го ускратиле законското и деловничко право на граѓаните кои се иницијатори на предлог-законот. Членот 226 предвидува дека граѓаните можат да ги следат седниците на Собранието и на работните тела од галериите, во согласност со прописите за внатрешниот ред на Сoбранието. Зошто на овие двајца адвокати им е оневозможено да бидат присутни како иницијатори, кога Деловникот тоа го дозволува?“, праша пратеникот Апасиев.

Откако предлог-законот не беше усвоен, еден од неговите иницијатори, адвокатот Јанаки Митровски, преку објава на Фејсбук порача дека одлуката на Собранието е најголема неправда.

„Предлог-законот за амнестија на осудените со гласање 41 ‘за’, 58 ‘против’ и 1 ‘воздржан’ за жал не помина и тука завршува постапката. Се немаше сенс и се остана на лицемерен став иако веќе еднаш се гласаше за амнестија на дел од овие луѓе, но останативе очигледно немаат употребна вредност. Селективна амнестија е селективна правда, а тоа е најголемата неправда“, објави адвокатот Митровски на социјалните мрежи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.