Владимир Панчевски суспендиран од Судскиот совет, разрешувањето на Јово Вангеловски од Врховен одложено

Судскиот совет денеска одлучи да го суспендира поранешниот претседател на Кривичниот суд во Скопје, Владимир Панчевски. Против него има и постапка за нестручно и несовесно вршење на судската функција, постапка која сè уште не е завршена. Против Панчевски, обвинителството паралелно поднесе и обвинение за местење предмети кај подобни судии додека бил на чело на скопска единица.

Според обвинителството, судските предмети ги делел на рака на одбрани судии, заобиколувајќи го АКМИС системот за електронска распределба. Освен случаи на редовното обвинителство, Панчевски рачно делел и предмети што го водело Специјалното обвинителство.

Од друга страна, и денеска се одложи точката за разрешување на претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски. Неофицијално, како причина за одложување тоа што новоизбраниот член на советот, Миљазим Мустафа требало да се запознае со случајот против првиот човек на највисокиот суд.

Инаку против Вангеловски е поведена постапка откако тој и уште тројца судии му го укинаа притворот на бизнисменот Сеад Кочан иако тој беше во бегство. Тоа се случуваше пред околу две години. Според информациите од Советот, точката за разрешување на Вангеловски на дневен ред ќе се најде по одморите.