Владимир Тодоровиќ и сопругата се спогодија и добија условни казни

Поранешниот градоначалник на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ, и неговата сопруга се спогодија со Скопското обвинителство и добија условни казни затвор, објави БИРН.

Двајцата беа обвинети во врска со лажното сведочење на Тодоровиќ на судењето за предметот „Талир“, во кој Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Илија Димовски, Леко Ристовски и Елизабета Чингаровска се обвинети за незаконско стекнување на 5 милиони евра за ВМРО-ДПМНЕ, кои потоа ги испрале преку уплатници со ист ракопис што ги пополнувале во име на партиски членови, без нивно знаење.

Тодоровиќ доби условна казна затвор од две години, додека неговата сопруга – шест месеци. Тодоровиќ беше обвинет за делото давање лажен исказ, за кое е предвидена казна од минимум 4 години затвор, додека за делото попречување на правдата за кое беше обвинета неговата сопруга, казната е од една до 5 години затвор.