Владините мерки далеку од доволни, 30 илјади работници од угостителството без работа

Речиси 30 илјади луѓе остануваат без работа откако владините економски мерки се покажаа не доволни за да им помогнат на најпогодените бизнис сектори. Угостителите најавија дека нема ниту да аплицираат за користење на државната помош бидејќи нивните проценки се дека понуденото ни одблизу нема да ги покрие штетите поради коронакризата.

Од Туристичко – угостителската комора на Македонија велат 15 илјади работни од угостителските објекти веќе добиле отказ, а истата судбина им се заканува и на останатите 14 илјади од вкупниот број вработени во овој сектор.

Мартин Ангелоски од оваа комора вели малите угостителите не можат да се задолжуваат дополнително со кредити бидејќи не знаат колку ќе трае кризата и затоа веќе ги одјавуваат работниците.

„Ја информираме владата дека ние малите угостители нема да аплицираме за бескаматните кредити но бараме тие пари владата да ги потроши за нашите вработени и да им ги покрие платите и преидонесите почнувајќи од месец март“, рече Ангелоски.

Според комората, мерките донесени од Владата се несоодветни, нецелосни и неразбирливи, а тие бараат конкретни мерки кои ќе им ги покријат загубите од неработењето.

„Мерките само ќе не остават во големи долгови. Ние не сме погоден со кризата сектор, туку сме затворен сектор со одлука на влада. Имаме целосни загуби и не можеме да ги покриеме нашите обврски кон вработените, за кирии и други режиски трошоци. Ново задолжување со кредити е погубно за нас. Дополнително сите угостители не се опфатени со мерките, зашто дел од нив веќе користат некакви субвенции од владата, дали за зголемување на платите на вработените или за прием на работници на возраст од 50 години, што значи ќе останат и без можност да земат кредит“, вели  Ангелоски.

Дека мерките нема да ги дадат потребните ефекти реагираа денеска и од ВМРО ДПМНЕ. Генереалниот секретар на опозициската партија, Игор Јанушев ја повика власта да ги прифати предложените мерки од партијата и да им помогне на граѓаните и на економијата.

„Да ги оставиме суетите настрана. Да заборавиме кој предложил, кој помогнал и слично. Дајте, Ве молиме, донесете ги мерките кои ви ги понудивме и кажете доколку треба и дека се ваш предлог само за да си ги исполните суетите. Но, Ве молиме, не ги држете во заложништво компаниите и граѓаните. Како држава многу доцниме со носење на економски антикризни мерки. Немаме повеќе време, имаме дупка во буџетот од над 2 милијарди која ја направивте“, вели Јанушев.

Владините мерки како не доволни ги оценија и  Сојузот на стопански комори, како и голем дел претставници на бизнис секторот.