Во последните три години со наметнатата политичка криза само се докажува како можеме од еден релативно мал проблем, односно од една дупка во чорапот можеме да уништиме држава. Специјалното јавно обвинителство (СЈО) е дел од пржинскиот договор, а, пак, тој договор е дел од циркузантскиот политички процес во изминативе три години, рече Стефан Влахов Мицов на трибината во институтот „Павел Шатев“.
„Сѐ започна со бојкотот на Собранието, тие наместо да распишат парламентарни избори седеа дома и земаа плата, во секоја нормална држава ако некој отиде кај премиер или претседател да го уценува тој излегува со лисици на рацете, а кај нас не беше така. Секаде во светот ако се прислушуваат разговори, се почнува гонење против снимателот, а не за содржината, уште кога беше потпишан договорот за СЈО беше јасно што ќе прави тоа“, истакна Влахов-Мицов.
Потенцираше и дека во ниедна нормална држава законите на СЈО да се над законите во државата.
„Владата на ВМРО-ДПМНЕ ја задолжила државата и во времето на СДСМ владата беше задолжена но во едниот случај гледаме градби, а истовремено при градењето велат дека имало и крадење. Во владеењето на СДСМ гледаме не е дигнат ниту еден ѕид и прашувам каде се украдени парите? Секој може да си пресмета колку чинат спомениците од проектот Скопје 2014 и тие истите пари наместо да градат СДСМ ги украде во нивното владеење“, рече Влахов-Мицов.
Посочи и дека има многу докази дека владата меѓу Заев и Ахмети е водена однадвор и дека на светот му се брза за уништување на Македонија, нејзино менување на името, влез во НАТО и остварување на голема Албанија.
„Влегувањето во НАТО не значи зачувување на границите, тоа значи остварување на голема Албанија и тоа на мирен начин, затоа што тоа веќе е внатрешна работа на НАТО“, додаде Влахов Мицов.