„Влакна“ со награда на фестивал во Хјустон

Краткиот филм „Влакна“ ја доби наградата „Gold Remi“ во категоријата краток трилер/мистерија на 47. издание на фестивалот „Ворлдфест Хјустон“ во Хјустон, Тексас во САД.

Станува збор за награда на третиот по ред најстар филмски фестивал во САД и еден од најстарите во светот на кој секоја година се пријавуваат повеќе илјади филмови, а се селектираат околу 120 во официјална конкуренција.

„Уште кога пред еден месец нè информираа дека сме во официјална конкурценија на фестивалот, се израдувавме исто како да сме добиле награда затоа што тоа е еден од најголемите и најстари фестивали во САД. Но, сега кога навистина имаме награда, секако дека задоволството е уште поголемо затоа што работата на филм со таков мал буџет, ограничени ресурси, а големи продукциски зафати, бараше дополнителни напори од актерите, членовите на екипата и волонтерите, кои несебично се вложија себеси и затоа оваа награда им припаѓа на сите нив,“ изјави режисерката и сценаристка на филмот, Елеонора Венинова.

Учеството на фестивалот во Хјустон за „Влакна“ беше интернационална премиера, по неговото прикажување на фестивалите „Браќа Манаки“ и „Синедејс“ во Македонија. „Влакна“ минатиот викенд беше прикажан и на фестивалот „Норт Холивуд Синефест“ во Лос Анџелес, Калифорнија.
Краткометражниот „Влакна“ е трилер – приказна за детективка која истражува убиство на мало девојче со влакно како клучен доказ.

Филмот е во продукција на „Партес“, по сценарио и режија на Елеонора Венинова. Главните улоги во филмот ги толкуваат македонската актерка Ирена Ристиќ и српскиот актер Бојан Жировиќ, а играат и Слаѓана Вујошевиќ, Марија Арсенкова и Трајче Црвенов. Продуцент на филмот е Небојша Илијевски, директор на фотографија е Димо Попов, автор на музиката е Дејан Спасовиќ, сценографијата е на Филип Велковски и на Никола Анѓелковски, монтажата на Бошко Столиќ, а изборот на костими го направи Верица Андреевска – Спасовиќ.

„Влакна“ е поддржан од Филмскиот фонд на Република Македонија, а освен активистичкото вклучување на поголемиот дел од тимот во неговата реализација, остварувањето исто така активистички го поддржуваат и ОВС Индустрис, ресторанот „Антица“, „Лице в лице“ – регионалната платформа за активизам и Агенцијата за социјален адвертајзинг „Партес“.