Власта да ја повлече одлуката за враќање на родителите на работа

24

Владата да ја повлече одлуката за враќање на родителите на работа, додека не обезбеди услови во градинките и училиштата, побара денеска Ели Панова, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.

– Со последната одлука на владата да ги врати сите родители на работа, без притоа да обезбеди услови за згрижување на децата до 10 години, испраќа порака дека децата и нивната добробит не ѝ се важни! Уште повеќе, не им е важна ниту состојбата на мајките со продолжено породилно отсуство или на мајките на деца до 6 години. Инсистираме, владата да ја повлече оваа избрзана одлука, да отвори јавна дебата и пред носење на нова одлука, да ги земе предвид барањата и потребите на родителите, и пред сѐ, во фокусот да биде грижата за добробитта на децата и семејствата – рече Панова.

Таа потсетува дека цели 6 месеци, половина година, власта мораше да најде соодветно решение за состојбата, но дека оставила работите со епидемијата да се движат вон контрола, па го одложи почетокот на учебната година и одеднаш сите родители на деца до 10 години, како и мајки на породилно отсуство, ги враќа на работа.

– Избрзаноста и негрижата, како и целосно отсуство на реална слика на состојбите од страна на членовите на владата, се гледа во тоа што пред да ја донесе одлуката, оваа власт воопшто не водела сметка за бројот на децата до 6 години кои што не се запишани во градинка или згрижувачки центри, ниту пак се водела од вистинскиот капацитет – просторен и од аспект на човечките ресурси во градинките. Едноставно, во градинките нема место. Кратењето на продолженото породилно е и спротивно на предлогот на Комисијата за заразни болести која препорача отсуството да трае до крајот на годинава поради што мајките не ги запишаа децата во градинка – додава Панова.

Таа предупредува дека не смее да се дозволи мајки на продолжено породилно отсуство да мораат да го остават работното место за да си ги згрижат децата.

– Заев, Филипче, Шахпаска, Царовска! Работата е премногу сериозна, проблемите кои ги креирате се претешки и воопшто непотребни за народот, кој што го оставивте на цедило цели 6 месеци! Повлечете ја оваа избрзана одлука, барањата и потребите на родителите и грижата за добробитта на децата и семејствата мора да бидат пред сѐ – повика пратеничката Панова.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.