Власта е историски неписмена и затоа се случуваат национални порази, ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за промена на Уставот

Резултат на нивната историска неписменост се националните порази кои што се случуваат на македонскиот народ и затоа ние сме против влезот на Бугарите во уставот, вели Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во Радио Лидер, пренесува НетПрес.

Николоски потсети дека уште во 2018та година кажал дека Македонија нема да добие датум за почеток на преговорите со Европската унија, бидејќи нема борба со криминалот и корупцијата, и нема функционален систем на владеење на правото.

Прв кажав во 2018та година дека дури и Македонија да го смени името нема да почне преговори со Зоран Заев со Европската унија, така и се случи. Тогаш да ве потсетам не беше услов уставот да се смени за Бугарите да влезат, туку беше условот да се смени името. Во текот на 2018тата година да ја потсетам јавноста дека имаше од политичарите на власта, но и кај јавноста дека готово портите на рајот ќе се отворат сега за Македонија, мед и млеко ќе тече по улиците, јас уште тогаш кажав, дека дури и Зоран Заев да се договори со Грција и да го промени името преговори не почнува заради криминал и корупција и немање на функционален систем на владеење на правото. На 17ти јуни Заев го потпиша срамниот Преспански договор за промена на името, а веќе на 29 јуни, значи само 12 дена подоцна Европска унија му кажа НЕ, односно не му додели датум за почеток на преговорите, рече Николоски.

На прашањето како ВМРО-ДПМНЕ би го добила датумот за почеток на преговорите со Европска унија, Николоски посочи дека суштината е битка со организиран криминал и корупција и воведување на функционален систем на владеење на правото.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Николоски вели дека дури и утре да влезат Бугарите во македонскиот устав, се додека има корумпирана влада, Македонија нема да започне преговори со Европската унија.

Врвен европски политичар на иста маса со корумпиран политичар не седнува. И се додека имаме ваква корумпирана влада во Македонија, Македонија нема да почне преговори со Европска унија. Утре да се најде теоретски начин да се промени уставот и да влезат Бугарите во Уставот, задутре ќе има ново вето, јас ви гарантиран. Затоа што ваква корумпирана влада не почнува преговори со Европска унија.

Николоски уште еднаш го повтори ставот на ВМРО-ДПМНЕ а тоа е дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за промена на Уставот со цел влез на Бугарите во него.

Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за промена на Уставот со цел влез на Бугарите во уставот, одговорот е НЕ. Дали ВМРО-ДПМНЕ ова го прави за да дојде на власт, исто одговорот е НЕ, дециден е Николоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.