Власта ги казнува своите функционери со 20, а граѓаните за ист прекршок со 2.000 евра

Додека власта лицемерно им доставува казни на нивните функционери од по 20 евра, граѓаните за еден собир на бадникарски оган ќе плаќаат казни од по 2.000 евра. Лудилото на оваа криминална власт му нема крај, изјави на денешната прес конференција, Бојан Стојаноски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

„Неуставно пред три дена беа уапсени граѓани во селото Орман кои присуствувале на традиционален бадникарски оган, а наредниот ден министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски удри и по граѓаните на општина Брвеница, Спасовски уапси 15 граѓани и едно свештено лице, заради организирање на собир во црква во Брвеница. Функционерите можат да слават роденден во државна институција без никакво почитување на мерките и протоколите и пет дена да се истражува случајот и на крајот да се казнат со само 20 евра, ама затоа граѓаните веднаш се апсат, носат во полициска станица и плаќаат казна од 2.000 евра, рече Стојаноски.

Го карактеризираше како „лудило“ ваквото постапување на власта и посочи дека тоа е „уште поголемо“ затоа што казната за прославата во министерството за политички систем поголемиот дел од казната ќе ја платат граѓаните.

„Имено, со по 500 евра ќе биде казнето одговорното лице, а со 2.000 евра ќе биде казнета институцијата. Токму оваа казна од 2.000 евра ќе ја платат граѓаните во име на министерството за политички систем“, појасни Стојаноски.

Според него јасно е дека Владата на премиерот Зоран Заев ги заплашува обичните граѓани и „бесрамно“ покажува дека едно важи за обичниот човек, а сосема други правила важат за власта.

„ВМРО-ДПМНЕ на граѓаните кои изминативе денови противуставно и насилно беа приведени им нуди бесплатна правна помош, но и на сите останати вакви слични случаи во кои власта на Заев противуставно ги крши слободите и правата на обичниот граѓанин. Оваа насилна власт на Заев се повеќе го губи тлото под нозете, и се повеќе и повеќе ќе удира по народот. ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните нема да дозволат оваа власт да продолжи со нејзината тортура, и за многу брзо ќе и биде покажано местото во политичката историја“, порача Стојаноски.