Власта мајка за „Шверцерите“ маќеа за „Комитите“ во ловот на албанските гласови

Балканот како да е предодреден преку спортот да навестува и разрешува политички ситуации, на што не е имуна ниту Македонија по сето она што се случуваше деновиве во Македонскиот народен театар (МНТ) со навивачката група „Шверцери“, која го поддржува ФК Шкупи, односно демолирањето на храмот на уметноста.

Припадниците на „Шверцери“ недолично се однесувале за време на прикажувањето на документарниот филм по повод 30-годишнината за нивната група, кршејќи орнаменти на седиштата и висејќи по реквизитите, поради што е направена голема материјална штета.

Да потсетиме на легендарниот меч меѓу Динамо и Црвена Ѕвезда и немилите сцени што се случуваа на Максимир, а со кои се најави распадот на СФР Југославија. Во таа насока беше и пресметката со Љубосав Иванов – Ѕинго во 90-тите години, неговото тргање од позицијата претседател на Фудбалскиот сојуз на Македонија, односно упадот на теренот навивачката група Комити на Градскиот стадион, а зад кои стоеја негови сопартијци, блиски до СДСМ.

Демолирањето на МНТ од страна на „Шверцерите“ добива политички насоки, бидејќи сите креваат раменици и се прават „на Тошо“, демек ништо не се случило и некој тоа го преувеличува. Од друга страна, 13 членови на навивачката група „Комити“ без причини биле приведени по мечот Вардар – Слога во полициските станици во Пролет и Центар, како што наведува нивниот адвокат Ванчо Шехтански.

Адвокатот на навивачката група „Комити“, Ванчо Шехтански, демантира дека имало било каков инцидент по натпреварот Вардар – Слога, при што се приведени и навивачи.

Како што информира МВР, во неделата службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода А.Н.(20), Х.Ѓ.(22), Д.М.(18), Д.С.(24), Д.Г.(20) и четири малолетни лица, сите од Скопје, поради тоа што претходно на Плоштад „Македонија“, во близина на „Камен мост“, како дел од навивачка група од околу 25 лица, со тврди предмети фрлале кон полициски службеници поради тоа што не им било дозволено да преминат преку мостот. Исто така, на „Кеј 13 Ноември“ тие физички нападнале други четири малолетници, сите од Скопје.

Адвокатот Шехтански вели дека 13 навивачи биле приведени без никаков повод и причина.

„Како адвокат на навивачката група „Комити“, демантирам дека имало било каков инцидент по натпреварот Вардар – Слога, при што наводно се приведени 4 навивачи на Вардар заради каменување полицајци. Вистината е дека синоќа околу 17 часот биле приведени 13 навивачи, без никаков повод и причина. При моето одење во ПС Пролет и Центар, беше наведено од инспекторите кои случајно беа од иста националност дека наводно биле нападнати малолетни навивачи од друга група. Меѓутоа такви лица не ни беа посочени, ниту пак имаше повредени, за билтенот на МВР да излезе со крајно спротивен став дека биле каменувани полициски службеници, што е неточно. Односот на инспекторите спрема родителите на приведените недолжни деца навивачи на Вардар беше чуден, а едниот му се обрати вулгарно – дали знае дека син му е „Комита“. Заради немање докази и очигледна намера за конструкција која остана неуспешна, навивачите беа пуштени. Заклучокот од оваа невкусна конструкција е свртување на вниманието на јавноста и префрлање на вината на недолжни деца, со цел да се скрие и тргне вниманието од сквернавењето на МНТ, реагира адвокат Ванчо Шехтански.

СИТЕ СЕ ПРАВАТ „НА ТОШО“

За тоа кој ги пуштил „Шверцерите“ да прославуваат годишнина во МНТ сите си ја префрлаат топката еден на друг.

Директорката на МНТ, Симона Угриновска, вели дека не била информирана за прославата на „Шверцери“.

„Беше најавено одбележувањето на Денот на албанската азбука а ми рекоа дека ќе има уште еден настан во рамките на тоа, но не ме информираа за што станува збор. По завршувањето на првиот дел во театарот влезе толпата навивачи, да го проследи документарниот филм снимен за нив, и неконтролираната толпа направи значителна материјална штета. Искршени се орнаменти кај седиштата и слични штети. Утрово повикав екипа на МВР да ги согледа штетите од овој настан. Морам да потенцирам дека објектот не беше изнајмен туку отстапен на барање на Министерството за култура“, изјави Угриновска.

На директорката Угриновска ѝ било кажано дека координацијата за првиот настан ја води портпаролот на Владата, Мухамед Хоџа, додека за втрориот настан бил одговорен организациониот секретар и пратеник Артан Груби, кој и покрај инсистирањето не ја информирал за сценариото за вториот настан.

Наспроти реакциите и критиките за однесувањето на „Шверцерите“ во МНТ, пратеникот  на ДУИ, Артан Груби на Фејсбук ѝ го честита јубилејот на навивачката група.

Артан Груби беше еден од организаторите на пресметката во 2011 година на Калето меѓу Шверцерите и Комитите по повод изградбата на музејот-црква на Калето. Истиот тој и сега ги брани „Шверцерите“.

Груби во изјава за „Плусинфо“ негираше дека е организатор на прославата на навивачите на Шкупи во Македонскиот народен театар (МНТ) и за него навивчката група „Шверцери“ не се вандали, притоа ја сврте работата на политика, за што имало негодување и во неговата партија ДУИ.

„Дивеење е упадот, тепањето и скандирањето во Собрание на 27 април, а не прослава на навивачи, каде што се очекува скандирање, пеење, но не и вандализам, кој што би го осудил во секој момент. Реакциите се апсурдни, лицемерни и претставуваат класична намерна политичка злоупотреба на настан во функција на предизборна пропаганда. Јас не сум организатор на настанот, но мора да истакнам дека театарот му припаѓа на народот, не е ВМРОвски, СДСМовски, па ниту ни на фелата, граден е со наши пари, со парите на граѓаните, а не со парите на ВМРО, ниту на фелата, и им припага на граѓаните. 20- годишината беше одбележена во Албанскиот театар пред 10 години со прикажување на документарец, исто како и 30-годишината во МНТ, каде што присуствуваа фудбалски ветерани, тренери, Албанци, Македонци и други, на кои им беа доделени благодарници од страна на организаторите, спонзори, градоначалници, и други. Секоја чест за професионалноста на вработените во театарот каде што се одржуваат безброј различни настани“, изјави Груби.

Но тој не одговори за демолирањето на МНТ, за што реагираше и директорката Симона Угриновска која во изјава за некои медиуми го посочи Груби за организатор за присуството на „Шверцерите“ во МНТ.

Министерот за култура Хисни Исмаили вели дека не чуствува ниту вина ниту одговорност за настанот во кој е оштетен репрезентативниот објект на неговот министерство вреден 40 милиони евра.

„Сметаме дека во институциите треба да има однесување како што налагаат кодексите за однесување во една институција од областа на културата. Во МНТ во петокот било најавено одржување на два настана, свеченото одбележување на Денот на албанската азбука и проекција на документарен филм, но до Дирекцијата на МНТ воопшто не било најавено присуството на навивачката група“, велат од кабинетот на министерот за култура Хусни Исмаили.

Министерството не е меѓу организаторите на настанот, тој бил презафатен со посетата на кинескиот колега, слушнал спротивствени изјави и најави дека ќе бара организаторот, без да прецизира кој, да ја надомести штетатат во театарот.

Министрите од ДУИ ниту го осудија настанот и дивеењето на навивачите во зградата на театарот, ниту пак гледаат нешто спорно во приватната прослава на државна сметка.

Од она што можеше да се види во партерот и галеријата има триесетина расклатени столчиња кои секој момент може да се откачат, искршени лајсни, демолирани орнаменти и искинат тапацир.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи излезе со првичен коментар на прославата на навивачката група „Шверцери“ во МНТ, изјавувајќи дека премногу се дигнало врева околу настанот. Според него, станува збор само за несоодветно избрано место за прослава на таков наслов.

„Се дига премногу врева, тоа не е најсоодветно место за прославување таков настан. Од медиумите видовме дека нема толкав проблем за да се предизвика врева. Имаше повеќе гласно навивање во несоодветен простор и ништо повеќе од тоа. Не треба од секоја ситуација да создаваме предуслови за дебата која може да повлече меѓуетнички тензии, поготово ако немало демолирање како што можевме да видиме од извештаите. Треба да се научи лекцијата за нареден пат“, вели Османи.

Потоа во емисијата во „Топ тема“ на ТВ Телма изјави дека не треба од секоја ситуација да се создаваат услови за дебата која може да повлече меѓуетнички тензии и смета дека од она што можело да се види на објавените снимки нема ништо повеќе од гласно славење.

„Не треба од секоја ситуација да создадеме предуслови за некаква си дебата која може да повелече меѓуетнички тензии. Ако навистина немало демолирање како што видовме во извештаите, туку имало само гласно славаење и треба да констатираме дека не било најсреќно решение за таква прослава и да се научи лекцијата можеби за следниот јубилеј“, рече Османи.

Според него, доколку имало говор на омраза и демолирање треба да се види дали организаторот ги презел сите превентивни мерки, но, сепак, повтори да не се прејудицира, бидејќи од тоа што го видел во телевизиските извештаи нема ништо повеќе отколку гласно славење.

ЗАЕВ БАРА СПАС КАЈ АЛБАНЦИТЕ И ВО ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА

Премиерот Зоран Заев најави дека очекува да добие извештај за тоа што се случувало во петокот по неговото заминување од МНТ, а инфромацијата треба да ја дадат министрите Садула Дураку и Хисни Исмаили.

Заев без став околу односно на министрите од ДУИ кои завчера го релативизираа настанот и дивеењето на чаирските навивачи во МНТ.

„Секој вандалски чин е за осуда, а ако во театарот има штети, тие мора да се платат и некој да понесе одговорност. Тоа е државна сопственост, никој нема право да го крши инвентарот. Јас бев информиран дека учествувам во првиот дел на активностите, а тоа е делот на одбележувањето на Денот на албанската азбука, бев присутен таму и си заминав по коктелот. Ми кажаа дека има втор дел, за млади. Вториот дел испадна дека и не била толку културна манифестација. Треба да си понесат одговорност одговорните луѓе за таа работа“, рече денес премиерот Зоран Заев. Тој не одговори на новинарското прашање дали ќе бара одговорност од пратеникот Груби за кого директорката Угриновска рече дека бил координатор на вториот дел од прославата.

Веќе во наредната изјава премиерот Заев ретерираше: „Ако има вандализам секој треба да го осуди, ако нема – нема што да осудиме“.

Владата формира работна група составена од заменик министерот за култура, Владимир Лазовски, државниот секретар во министерството за култура, Валмир Азири и директорката на Македонски народен театар, Симона Угриновска да го испитаат начинот на кој е спроведена прославата на 30-годишнината од постоењето на навивачката група „Шверцери“ во МНТ минатиот петок.

Ова беше одлучено на владина седница, а тричлената работна група, премиерот Зоран Заев ја задолжи да состави извештај за начинот на кој е одобрена и спроведена организацијата на настанот во Националната установа МНТ.

Во извештајот треба да биде содржана и детална информација за евентуалната штета на инвентарот.

Македонскиот оперски пејач со светска кариера, Благоја Нацоски, со краток коментар за скандалот со дивеењето на навивачката група „Шверцери“ во Македонски народен театар и одржа лекција на политичарите.

„Пред неколку години имаше обид Ерос Рамацоти да има концерт во познатите „Теrme di Caracalla“ во Рим, каде од 1937 традиционално се изведуваат оперски и балетски претстави, како и првиот концерт „Три тенори“ во 1990-тата. Предлогот Ерос да има концерт таму беше одбиен со образложение дека тоа е место за „висока култура“. Толку од мене“!-напиша Благоја Нацоски на својот Фејсбук профил.

Забошотувањето на случајот за дивеењето на „Шверцерите“ се толкува како губење на тлото под нозете од страна на Заев во пресрет на изборите на 12 април идната година, па прави уште некој потег да имм се допадне на албанските гласачи, затоа што кај макдонскиот електорат одамна ја загуби довербата. Од тие причини кокетира со ДУИ, пред сѐ Груби, па „низ Вардар“ ги пуштаат младите „Комити“ за покривање на настанот во МНТ.

Но, ДУИ во сето ова виде преземање на гласачи преку заложбите на Заев за една изборна единица, па затоа гласно се вклучи во одбрана на навивачите како најверно гласачко тело.

Дали ова ќе биде уште едно обезличување и обезвреднување на македонското гласачко тело, но и на СДСМ како партија, само заради лични интереси и останување на власт по секоја цена, бидејќи главниот постулат со „Шарената револуција“ се урна како кула од карти, а и неговите го напуштаат?!

Нема ништо од борбата против криминалот, а тие што требаше да се справат со него – СЈО и самите влегоа во криминал (Катица Јанева); од економските реформи најевидентно е заминувањето на остручените кадри во странство; регулативата наместо да биде стегната да и да функционира уште поефикасно се раскалашува. „Успех“ имаше само во промената на името, ама не добивме датум за преговори со ЕУ.

Затоа односот на мајка и маќеа спрема навивачките групи Шверцери и Комити е понижувачки и девалвирачки. ДУИ нема да стои со скрстени раце за да може Заев да ги удира во ребра, затоа возвраќа со контри и го промовира/заштитува вандализмот во МНТ. Во еден момемнт тоа носи поени, но во друг ќе им се удри од глава.