Власта му нудела слобода на Груевски во замена за уставни промени

Екс премиерот Никола Груевски откри дека власта нудела слобода во замена за гласање за промена на Уставот. Ова доаѓа откако причините наведени во барањето за азил ги објави унгарскиот весник „Маѓар Идок“.

Груевски првпат се сретнал со унгарските власти во Будимпешта на 12 ноември, кога детално им ги навел причините за неговото напуштање на Македонија, вклучително и голем број сериозни неправилности во судските процеси што се водат против него, и незаконски донесени одлуки кои воделе кон тоа да се лиши од слобода.

Весникот ги наведува и сериозните забелешки за судството во Република Македонија, нотирани во извештајот на Европската комисија од 2018 година, како и во други релевантни извештаи. Било разгледувано како судските случаи биле доделувани на одредени судии за кои се смета дека биле под политичко влијание, пишува „Маѓар Идок“.

Именувањето на новиот претседател на Кривичниот суд во Скопје, забрзувањето на петте процеси што се водат против Груевски, одбивањето на Грција да ги екстрадира Горан Грујевски и Никола Бошковски кои исто така се обвинети од страна на СЈО, однесувањето на судијката Добрила Кацарска  во случајот со набавката на блиндираниот мерцедес и брзината со која биле носени решенија против Груевски се само дел од примерите кои биле разгледувани.

Груевски посочил и на настанот кога Заев ја најави пресудата против него, а биле разгледувани и тврдења дека на Груевски му било нудено одложување на извршувањето казна затвор доколку гласа за менувањето на Уставот и преименувањето на Република Македонија.

Вчера пак, Груевски преку Фејсбук статус ја извести македонската јавност дека му е е одобрен азил во Унгарија. Во неговата објава на социјалната мрежа тој ги наведе судските притисоци како главна причина за неговиот потег.

-Наместо унапредување на судскиот систем, Македонија има уназадување. Судот и обвинителството се користат како политичка алатка на владата заради остварување на своите политички цели и уцени. Јас одлучив да се спротиставам на сето ова, и со мојот чекор да го издигнам ова прашање на повисоко ниво. Некој може да ме сака или да не ме сака, да се согласува или да не се согласува со мене, да смета дека водам добри или лоши политики, но не може да го негира или да ги затвори очите пред она што се случува во Македонија во овој период, а кое го опишувам, напиша тој.

Груевски додава: Јас одлучив да не ја исполнам желбата на СДСМ, додека тие ја разграбуваат и распродаваат државата и националните интереси да седам затворен со политичка одлука и секојдневно да се борам за преживување во затворот, за каде добив сознание дека ми се подготвува ликвидација.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.