Власта нема стратегија, само расказ од три збора: ревизија, преиспитување, анализа

Распределбата на средствата со овогодинешната програма за култура е пример за аматеризам и партизација. СДСМ ги субвенционираше граѓанските организации на сметка на професионалните уметници, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ како реакција на денешното соопштение на Министерството за култура во кое беа наведени активностите реализирани во предиодот од јуни минатата година.

СДСМ ја партизираше културата. Македонската култура никогаш порано не била под ваков притисок и тоа се одразува во филм, театар, музика, музејска и сите други дејности на културата во Република Македонија. Стратегијата за развој на културата 2018-2022 година од министерството за култура не е стратегија, туку расказ кој се базира на три збора ревизија, преиспитување и анализа и ја отсликува безидејноста за работата на оваа власт и министерството во македонската култура воопшто, се вели во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека од најавените реформи со кои беше најавено дека ќе се подобрат условите за уметниците и културните работници, нема ни трага ни глас, а никаде го нема и наводниот колективен договор кој требало да биде готов до крајот на 2017 година.

Излажаа за него исто како што излажаа дека постои реформа во финансирање на националните установи. Владата и министерството наместо да ги реализираат проектите кои беа готови од владата на ВМРО-ДПМНЕ тие ги стопираа и наместо тоа се решија за крпење на дупки. Па така наместо да изградат нов Драмски, тие го стопираа и како нивен голем проект го претставија почетокот на реконструкцијата на кровот на стариот Драмски и тоа дури по година дена, се вели во соопшението.

Од опозициската партија истакнуваат и дека елаборатите за проектот „Скопје 2014“ се одраз на чист политички реваншизам и непочитување на македонската историја.

Уште една голема лага е дека постои поправична распределба на средствата и поддршката кон сите заедници во Македонија, затоа што целата јавност во Република Македонија беше сведок како владата и министерството за култура фаворизираат само една етничка заедница, на сметка на останатите.Деблокирањето на Тетовскиот театар и Библиотека, на Албанскиот театар и Турскиот театар е чиста манипулација, затоа што изградбата и никогаш претходно се до нивното доаѓање на власт не беше запрена, нагласуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додаваат дека оваа, како што велат, ненародна власт само за една година успеала да ја уништи македонската култура и да ги деградира и понижи културните институции, уметниците и културните работници и ги повикуваат сите кои не се согласуваат со политиките на власта на 2 јуни во 20 часот на голем протест пред владата.