Власта прави сè Рашковски да не оди во притвор

Притвор за Драги Рашковски била одлуката на Судот, но, од власта се вршел голем притисок Рашковски  да се брани од слобода или да биде во домашен притвор, објави Лидер.

– Во текот на целиот ден ѕвонат телефоните на луѓето блиски до судиите од кои се бара Рашковски да не биде ставен позади решетки. Притисокот доаѓа директно од премиерот Зоран Заев и од луѓето блиски до него, пишува Лидер.

Утрово полицијата го приведе поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, заедно со Даниел Станчески, сопственикот и управител на фирмата „Инвока гроуп”. Тие во Кривичниот суд дадоа исказ.

Од ОЈО Скопје соопштија дека во текот на вчерашниот ден донесе Наредба за спроведување истражна постапка против четири лица, меѓу нив и поранешниот генерален секретар во Владата, Драги Рашковски, за кои постои основано сомнение дека сториле Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик. Заедно со Рашковски е приведен и Даниел Станчески, сопственикот и управител на фирмата „Инвока гроуп“. Притворот се бара поради предметот поврзан со набавката на софтверот.