Власта се свети за поразот во Охрид, па си игра позитивен-негативен градоначалник со Пецаков, иако тој ја почитувал изолацијата

Охридскиот градоначалник, Кирил Пецаков, не може да одговара кривично, бидејќи се изолирал веднаш откако го добил позитивниот резултат на коронавирус. Со тоа, нема никаков основ, за МВР да го гони со кривична пријава, како што објавија повеќе медиуми, а е непотврдена информација.

Според информации на порталот „Скопје 1“, Пецаков се тестирал на празникот „Водици“ изутрината, само за да може да ја напушти државата и да оди на Водици. Немал контакт со заразен, ниту пак, имал симптоми и здравствени проблеми. Резултатите од наводен позитивен тест, ги добил доцна попладнето, по што повторно се тестирал бидејќи се сомневал и добил негативен резултат, како и што објави Нетпресс. Тоа значи дека градоначалникот не постапил спротивно на ниту една одредба од Кривичниот законик.

Инаку, доколку биде гонет, Пецаков ќе е првиот функционер за кого е побарана кривична одговорност поради самоизолација. Досега е познат само случај каде функционер е гонет за непочитување на изолација, а тоа е градоначалникот Максим Димитриевски. Но, кривичната пријава беше отфрлена од Обвинителството. Заеднички за двата случаи, кај Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ и Димитриевски од СДСМ е што обвинуваа дека имаат политичка позадина. За потсетување, Димитриевски ја напушти партијата откако сопартијците отворија фронт против него, особено во моментите кога се тврдеше дека го загрозил туѓото здравје откако бил заразен со корона.

Инаку, по добивањето на позитивниот резултат за корона тестирањето, Пецаков веднаш се изолирал и немал никакви контакти. Тој се сомневал во релевантноста на тестот, го повторил, па бил негативен. Но и по овој резултат, останал во изолација, бидејќи надлжените не му го укинале решението.

Важно е да се напомене дека има разлика помеѓу изолација и самоизолација. Во изолација, сите позитивни одат со решение од ДСЗИ, а нејзиното непочитување е кривично дело. Самоизолацијата, претставува прекршочно дело со парична казна.