Власта за скоро стартува со реорганизација на јавната администрација

Преструктуирања, спојувања на институции, кратење на работни места се дел од мерките кои ќе стартуваат наскоро во рамки на проектот на Владата за реорганизација на јавната администрација.

Министерот за информатичко општество и јавна администрација, Дамјан Манчевски денеска обелодени дека следната недела ќе го презентира планот за оптимизација на јавната администрација.

„До крајот на февруари ќе го презентираме концептот за целосна реорганизација и оптимизација на јавниот сектор кој (н.з. институции)  треба да се спојат, на кој начин, предлог на промена на закон за организација на органите на јавна управа којшто треба да направи поефикасна администрација“, рече Манчевски.

Голем дел од вработените во јавната администрација стравуваат дека реорганизацијата ќе значи укинување на голем број работни позиции и прогласување на технолошки вишоци по што многумина би останеле без работа.

Манчевски најави и ново законско решение со кое ќе се промени начинот на вработување на менаџерски и раководни позиции по примерот на изборот на членови на Државната комисија за спречување на корупција. Според предлог законот, изборот ќе го прави независна комисија која што на Владата ќе и даде предлог листа со тројца најдобри кандидати.

Оваа најава од министерот за јавна администрација доаѓа откако власта се најде „на тапет“ од јавноста поради десетици скандалозни вработувања на роднини и партиски членови.

Пред само неколку дена, Манчевски го навлече на себе гневот на јавноста со изјава со која што ги оправдуваше вработувањата на партиски членови и роднините на функционери од власта во државните компании и јавната администрација. Според Манчевски, 10 години сите членови на СДСМ биле  најдискриминирани граѓани во државата со тоа што им било забрането да се врабуваат во јавен и приватен сектор.

„Денеска е чудно што било кој симпатизер на оваа власт се вработува и во јавни институции. Каде да одат овие луѓе, треба да ја напуштат државата“, рече Манчевски.

Инаку, само во последниве денови се објавија информации дека во државни фирми свои роднини вработиле пратеници на СДСМ, министри во Владата и други партиски функционери.