Свет

Властите ја објавија причината за уривањето во Џенова, потрагата продолжува

Властите ја објавија причината за уривањето во Џенова, потрагата продолжува

Причината за уривањето на надвозникот на автопатот А10 во италијанскиот град Џенова се сериозните пропусти во тековното одржување, изјави доцна вечерта во вторникот министерот за транспорт и инфраструктура, Данило Тонинели.

Во оваа трагедија засега е потврдена смртта на 35 лица, од кои едно е мало девојченце, а десетина други се сметаат за исчезнати. Истовремено претставници на службата за цивилна заштита изразија стравување дека бројот на жртвите „значително ќе се зголеми“.

„Како Италијанец, многу ми е тешко да констатирам дека тековното одржување се чини било недоволно, и она што се случи, за жал, сведочи за тоа“, изјави министерот за правиот канал на јавната телевизија RAI. Според Тонинели, ваквите трагедии не смее да се случуваат „во цивилизирана земја, како што е Италија“.

Властите на регионот Лигурија објавија на Twitter дека потврдиле 26 смртни случаи, 23 на самото место, едно лице починало во операциона сала и уште два трупа биле извлечени од под урнатините вечерта“. Петнаесет лица се повредени, од кои девет се наоѓаат во критична состојба, додаваат властите и најавуваат дека за среда ќе биде побарано прогласување вонредна состојба.

Во меѓувреме продолжува операцијата на потрага по евентуално преживеаните. „И натаму се обидуваме да ги извлечеме преживеаните од под урнатините“, изјави Александра Бучи, службеничка во полицијата во Џенова, и додаде дека се надеваат дека ќе пронајдат уште преживеани откако претходно во текот на денот беа извлечени петмина.

Околу 300 пожарникари работата на местото на несреќата, а како помош се користат и кучиња обучени за трагање по преживеани. Бучи потврди дека спасувачите продолжуваат со потрагата и ноќва.

„Мостот ненадејно се урна со сето што се наоѓаше на него. Тоа навистина беше апокалиптичен призор, не можев да им верувам на очите“, изјавил за агенцијата ANSA мотористот Алесандро Мења, кој се нашол на местото на несреќата.
Поради опасност од натамошни уривања на надвозникот Моранди, кој минува над трговски центри, фабрики и домови, вкупно 4400 лица биле принудени да ги напуштат своите домови. Бројката евакуирани може да се зголеми, бидејќи безбедносните процени сѐ уште се во тек, соопштија градските власти на Џенова. Службата за цивилна заштита во градот досега обезбедила евакуација на 11 станбени згради и ситуацијата континуирано се следи.

 

Снимка од моментот на уривање на надвозникот