Властите во Газа известуваат за смртта на тројца хуманитарци, Израел тврди дека е убиен терорист

Службата за Цивилна одбрана на палестинската енклава Појасот Газа во саботата објави дека во израелски воздушен напад врз Кан Јунис загинале три лица за кои вели дека биле палестински хуманитарни работници од американската невладина организација World Central Kitchen (WCK), а израелската армија обвинува еден од нив за наводно учество во смртоносниот упад во јужен Израел и масакр над израелски цивили на 7 октомври 2023 година.

Од WCK објавија дека немаат „целосни информации“ и дека се обидува да добијат што е можно повеќе поединости. Исто така, во нивната објава се наведува дека организацијата ги прекинува своите активности во палестинската енклава каде што војната трае повеќе од една година.

Израелската армија објави дека станува збор за „терорист“ кој наводно учествувал во масакрот ланскиот 7-ми октомври во кибуцот Нир Оз, во близина на Појасот Газа, од кој движењето Хамас и другите исламистички фракции извршија крвав напад.

Израелската војска тврди и дека целта била нападната врз основа на „веродостојни информации“, дека неговото возило било следено некое време и дека е потврдено дека работи за WCK.

На социјалните мрежи беше објавено дека е убиен Ахед Азми Кади, припадник на радикалната групација Бригадите на ал-Касам.

Според портпаролот на цивилната одбрана во Газа, Махмуд Басал, загинале пет лица, од кои тројца вработени во WCK. Тој, исто така, тврди дека возилото било означено како WCK, но од невладиното здружение тоа го демантираат. „Нашето лого не беше на возилото“, велат од WCK.

Израелската војска наведува дека се работи за обично возило кое не учествувало во испораката на помошта.

Организацијата WCK ја покрена познатиот шпански готвач Хозе Андрес. На почетокот на април седуммина вработени на WCK беа убиени во израелски воздушен напад.

Израелската армија денеска ја повика меѓународната заедница и водството на WCK да ја „разјаснат“ ситуацијата и итно да ги истражат вработените кои, како што тврди израелската страна, учествувале во нападите врз јужен Израел на 7-ми октомври.

WCK одговори дека „не знае дека едно лице во возилото наводно било поврзано со нападот на Хамас на 7-ми октомври“.

Израел претходно упатуваш слични сериозни критики против агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (UNRWA).