Влегува ли Македонија во новиот циклус криминална приватизација?!

Владата предводена од СДСМ влегува во нов циклус на приватизација како излез од економската криза во која западна државата во време на епидемијата со коронавирусот, така што на продажба ќе се најдат атрактивни субјекти Македонски пошти, Колска, Железници, ТЕЦ Неготино, уделот во Телеком, целото државно земјиште, а стравувањата на јавноста се дека ќе се повторат криминалните активности со кои беше проследена приватизацијата на општествената сопственост од почетокот на 1990-те години, којашто исто така ја започнаа и изведуваа социјалдемократите

Премиерот Зоран Заев веќе најави дека прва на листата компании за приватизација е Македонски Пошти.

„Верувам дека ќе направиме некое успешно менаџирање со Словенија, Австрија, Германија, Полска… за да имаме перспективи за „Македонски пошти“. Целта е да имаме квалитетен поштенски собраќај и услуги за граѓаните. Јавното-приватно партнерство ќе биде една од преокупациите на Владата во делот на креирањето на сите економски политики во следниот перирод, заради обидот да ги максимализираме сите ефекти за рестарт, односно за еконоски раст и развој, што верувам ќе биде пример во следните четири години, истакна Заев, а Владата веќе го утврди новиот текст на Законот за изменување на Законот за поштенските услугиЕ, што ќе биде доставен на усвојување до Собранието.

Но Владата на Заев не застанува тука. Приватизација се предвидува и за неколку други државни капацитети. На листата можни компании за приватизација се наоѓаат и ТЕЦ „Неготино“, „Македонски Железници – Транспорт“, „Еврокомпзит“, „Колска“ од Велес.

Телевизија 21 неофицијално најави дека државниот дел од акциите во Македонски Телеком можe да одат на продажба. Продажбата на акциите ќе зависи од тоа колку ќе потрае пандемијата.

Парите од продажбата на државниот дел во Македонски телеком, кој изнесува 34,8 отсто би се употребиле за пополнување на буџетските дупки и ублажување на финансиските последици од коронакризата.

Дополнително премиерот Зоран Заев во интервју во емисијата Економски магазин посочи дека се размислува за целосна приватизација на државното земјиште во Македонија, во комбинација со легализирање на капиталот изнесен во транзицијата и приватизацијата во деведесетите.

„Ние сме земја која помина низ транзиција, претпоставката е дека има најмалку милијарда и петстотини евра коишто се надвор од тековите“, рече Заев.

Македонија помина низ мрачна транзиција и приватизација, па оттука се поставува прашањето дали новата приватизација која ја најави премиерот Заев е втор бран на таа од деведесетите?