Влезниците за натпреварите на Аргентина на Светското фудбалско првенство во Катар во групата со Мексико и Саудиска Арабија се „најмногу барани“ на помалку од три месеца пред почетокот на мундијалот кој ќе трае од 20-ти ноември до 18-ти декември, покажуваат податоците на организаторите
Шефот на турнирот Насер ал-Катер во интервјуто за катарската национална новинска агенција QNA вели дека натпреварот Мексико – Аргентина, кој се игра на 16-ти ноември на стадионот Лусаил, бил „најбараниот“, а следува натпреварот Саудиска Арабија – Аргентина, којашто на распоредот е на 22-ри ноември на истиот стадион.
Вкупно се продадени 2,45 милиони влезници за првото Светско фудбалско првенство коешто ќе се одржи на Блискиот исток и во арапскиот свет, објави ФИФА минатата седмица.
Земјата домаќин, потоа САД, Англија, Саудиска Арабија, Мексико, Обединетите Арапски Емирати, Франција, Аргентина, Бразил и Германија се во водство според продажбата на влезниците, според податоците на ФИФА.
Бројот на достапните влезници изнесува 3,2 милиони, од што третината се резервирани за спонзорите и партнерите, потсетува ал-Катер.
ФИФА допрва треба да ги објави датумите за „последен момент“ фазата од продажба на влезниците кон крајот на септември според принципот „прв дојден, прв услужен“.