Влошената здравствена состојба на адвокатите на обвинителката Јанева го одложи сведочењето на нејзината колешка Стефанова

Судското рочиште за случајот „Рекет“ на кое во понеделникот требаше да сведочи обвинителката од Специјалното јавно обвинителство Лиле Стефанова, која ја води истрагата за случајот „Империја“, беше одложено поради отсуство на адвокатите на поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева.

Едниот нејзин адвокат, Дељо Кадиев е хоспитализиран, а другиот, адвокатката Ирена Фрчкоска не доставила медицинска документација, туку само пријавила дека не може да присуствува од здравствени причини.

 

Тие побараа и добија одложување на неколку дена. Судијката им порача на Кадиев и Фрчковска најдоцна до вторник да достават документација, и истакна дека не е пречка ако Кадиев е во болница, доколку Фрчкоска може да доаѓа следните денови.

Рочиштето е одложено за во четврток, кога се очекува Лиле Стефанова да даде исказ. Таа го водеше случајот „Империја“ во кој е осомничен бизнисменот Јордан Камчев. Тој во случајот „Рекет“, пак, е сведок, а според обвинението поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, Бојан Јовановски и Зоран Милески се здружиле за да му земат пари на бизнисменот за олеснителни околности во случајот „Империја“. Стефанова уште од почетокот на „Рекет“ се оградува од постапките на Јанева во „Империја“, па се очекуваат многу важни информации во однос на нејзината поранешна претпоставена за нејзината инволвираност во случајот „Рекет“.