ВМРО-ДПМНЕ ја напушти средбата за законот за Јавното обвинителство 

Претставниците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во петокот по петнаесетина минути од почетокот на средбата во Собранието за законот за Јавното обвинителство го напуштија состанокот, а во изјава за медиумите пратеникот Антонијо Милошоски рече дека нивното барање е на оваа средба да присуствува и републичкиот обвинител Љубомир Јовески.

Милопшоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ се подготвени да продолжат со разговорите и денеска, и утре, и задутре, но само ако на состаноците присуствува и Јовески. Милошоски предлог-законот го оцени како добра основа за преговори. Во однос на забелешките, Милошоски рече дека смета оти лидерот на СДСМ, Зоран Заев со овој закон се обидува да вгради обвинители кои понатаму ќе го штитат од криминалите.

Идејата за присуство на Јовески, која ја предложи ВМРО-ДПМНЕ, доаѓа откако тие прочитале негово интервју каде вели дека приоритет е носење нов квалитетен закон за Јавно обвинителство.

„Јовески треба да присутен на дебатата бидејќи тој минатата година даде изјава, цитирам: ‘Она што е неопходно е носење на нов закон за ЈО, но квалитетен закон, а не некој со дневно политички влијанија’. Затоа сметавме, бидејќи е државен функционер, исто како Дескоска, мора да биде присутен на ваква средба која се однесува на предлог-законот за Обвинителството кое тој го раководи. Задоволни сме што Дескоска прифати да биде присутна стручната правна фела, но не сме задоволни бидејќи не прифати да го повика Јовески“, рече Антонијо Милошoски од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот Милошoски потенцираше дека според него и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, критиките од Јовески се премногу силни за да тој не учествува во работата на работните групи.

„Кога Дескоска ќе биде подготвена да го обезбеди присуството на Јовески, тогаш ќе преговараме. Острите критики на Јовески се премногу силни, за да го заобиколиме на вакви важни средби. Заев сака да создаде тврдина која ќе го заштити од кривичен прогон по изборите кои ќе ги изгуби“, додаде Милошоски.

Конкретни забелешки написмено на оваа средба тие не доставиле, а како што рече пратеникот тоа ќе го направат кога ќе биде присутен и Јовески.

Инаку, во името на ВМРО-ДПМНЕ тој го поздрави чекорот на министерката Рената Дескоска со кој на денешниот состанок ги поканиле и претставниците на граѓанскиот сектор и на меѓународната заедница.

Состанокот со останатите пратенички групи е во тек.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.