ВМРО-ДПМНЕ: Антиреформската влада на СДСМ со предложениот ребаланс на Буџетот го зголемува задолжувањето

112

Владејачката СДСМ, министерот за финасии Драган Тевдовски и премиерот Зоран Заев со месеци наназад зборуваа за нивната загриженост дека Македонија наводно е презадолжена, а сега откако дојдоа на власт предлагаат ребаланс на Буџет во кој предвидуваат поголемо задолжување на државата до крајот на годината за 150 милиони евра, се вели во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ, ден по започнување на собраниската расправа по ребалансот.

„Секој ден, до крајот на годината, граѓаните на Република Македонија кога ќе се разбудат, државата ќе биде задолжена за нови 1,2 милиони евра повеќе од планираното“, се истакнува во соопштенеито.

Од ВМРО-ДПМНЕ, исто така, наведуваат дека уште во првиот месец откако дојде на власт новата влада ја задолжила државата со 60 милиони евра.

Прецизираат дека во ставката домашно задолжување, владата на СДСМ планира наместо 17,8 милијарди денари да се задолжи за 20,7 милијарди денари, што претставува нови 48,3 милиони евра долг кон домашните доверители.

Во ставката задолжување кон странство, пак, Владата планира наместо 12,3 милијарди денари, да ги задолжи граѓаните со 18,4 милијарди денари, што според соопштението на ВМРО-ДПМНЕ претставува дополнителни 100 милиони евра долг повеќе кон странски доверители.

„СДС ги лажеше граѓаните на Република Македонија. Ветуваа дека нема да се задолжуваат, а сега со ребалансот најавуваат дека за само 5 месеци ќе го зголемат планираното задолжување за речиси 150 милиони евра. Граѓаните на Република Македонија имаат право да знаат зошто државата се задолжува со толкава сума и каде СДС ќе ја потроши. Луксузите, октоподите, морските плодови, цвеќињата, партиските вработувања и вдомувањата на соросовите платеници не смее да биде на трошок на граѓаните“, се вели во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ притоа прашува зошто СДСМ планираат да го зголемува долгот, а притоа не ги исполнуваат своите ветувања за минимална плата од 16.000 денари, просечна плата во висина од 30.000 денари, ниту, пак, плата од 100.000 денари за докторите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.