ВМРО-ДПМНЕ: Арогантна и криминална злоупотреба на државата за партиски цели не е европска вредност

Самоволието и ароганцијата на кланот на власт продолжува со несмален интензитет. Се она што во нормални, напредни, проевропски, светски, НАТО држави се смета за корупција и криминал, овдешната власт го смета за „Општо добро!“, изјави во саботата на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

„А што е тоа општо добро кога во сите државни ресурси се ставени во функција на одбрана на една политичка партија во предизборен, пардон предреферендумски период? Владата признава дека секојдневните активности на министрите ќе бидат во функција на партијата, во пресрет на референдумот. Притоа се злоупотребуваат ресурси и буџетот и моќта за влијание. Тоа не е општо добро тоа е општа корупција и злоупотреба на власта за партиски цели, за купување, за корупција на гласачкото право на граѓаните“, рече Стоилковски.

Посочи дека само за „кланот на власт“ не важи правната аналогија дека сите правила што важат за избори важат и за референдум, бидејќи гласачот се определува за политичка опција, политичка понуда, дали се согласува или не. Притоа Стоилковски потсети дека во тој момент мора да запрат сите тендери и огласи за времени вработувања бидејќи се криминално дело – корупција за изборни цели.

„Но наместо да се сопре, сега власта со сета ароганција вели – злоупотребите на државните ресурси во полза на една политичка опција се за општо добро! А што е општото добро кога цела кампања, како што и се претпоставуваше, не е во релација со темата поставена на референдум односно нема ниту збор за капитулантскиот Договор/Спогодба со која се брише македонскиот идентитет, македонската историја, македонската посебност, а македонскиот народ и држава со еден потпис се претвораат во вештачка, измислена творба, по урнек на најголемите антимакедонски крвници во историјата“, праша портпаролот на опозициската партија.

Стоилковски порача дека сите зафати на оваа власт во ова време, најмалку од распишувањето на референдумот, се зафати со лукративни побуди, преку злоупотреби да се оствари политичка победа на политичката партија од која потекнуваат и оцени дека станува збор за корупција и криминал, и оти е во целост е спротивно на европските вредности, за кои сега лажно се трошат буџетски пари.