ВМРО-ДПМНЕ бара градење на национален став за реформи во образованието

ВМРО-ДПМНЕ бара градење на национален став на темата реформи во образованието. Со оглед на понижувачката и несоодветна покана на министерката Мила Царовска за испраќање на меил на забелешки на предложената концепција Комисијата за образование и наука на ВМРО ДПМНЕ одлучи јавно да објави неколку најважни елементи за успех на реформата во образованието, вели Весна Јаневска.

– Предложениот концепт веднаш да се повлече и да се пристапи кон креирање на нов после опсежни консултации со сите релевантни фактори во образовниот систем. Да се напушти концептот на интегрирање на предмети особено на предметите историја и географија. Предлагаме да се формира работна група од сите релевантни чинители во образовниот систем, вклучувајќи ги и стручните тела на политичките партии кои ќе го земат во предвид следното:

Реформата во образованието да почне со изработка на нови наставни програми, учебници и материјали за наставниците. Новите учебници да содржат интегрирани теми и содржини од сите предмети. Да се изработат и дигитализирани учебници и наставни материјали по сите предмети – рече Јаневска.

Таа предложи да се посочат дополнителни материјали и референци кои наставниците ќе ги користат како проверени извори при реализирање на наставата. Паралелно да се побара реформа на наставничките факултети заради усогласување со новата реформа. Да се одржи обука на наставниците од страна на релевантни стручни институции. Да се изготви анализа и детален финансиски план за спроведување на реформата. Да се доопремат кабинетите во сите основни училишта на територијата на Македонија. Да се направи план за инклузија на децата со посебни образовни потреби. Да се направи план за инклузија на децата од социјално загрозените семејства и маргинализираните групи.

– Треба да се обезбедат просторни и материјални услови за започнување на реформата. Предлагаме во првиот период да се посветите на тоа. Реформата да започне со инплементација кога ќе се исполнат сите горе наведени услови. Доста беше со импровизации, нашите деца заслужуваат најдобро! Ве информираме дека доколку не ги земете предвид и сериозно не ги имплементирате нашите барања, новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе бараме одговорност за неуспешно спроведување на  реформата и потрошените средства за неа, од сите креатори и сите инплементатори на оваа концепција – порача Јаневска.