ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од министерката Царовска и зајакнување на протоколите во училиштата

46

Владата на СДСМ и министерката за образование Мила Царовска буквално го преспаа летово. Денеска, на почетокот на новата учебна година, тие, Царовска и Владата, делуваат како да се затекнати од ситуацијата и буквално неподготвени учествуваат во еден организиран хаос во кој се наоѓаат учениците, родителите и наставниот кадар, обвинува Иванка Василевска, пратеничка на  ВМРО-ДПМНЕ во Собранието .

„Иако имаше на располагање речиси три месеца, Царовска не успеа да обезбеди ниту учебници, па денес реалната ситуација ни покажува дека поради ваквата неспособност на министерката, од еден учебник ќе учат две деца, а ова е особено трагично бидејќи во услови на пандемија на КОВИД 19, наводно декларираните протоколи за заштита од пандемијата се всушност осило на зараза во која ризикот и опасностите се директно врз плеќите на нашите деца и на наставниците и професорите кои се фрлени во една апокалиптична безизлезна ситуација. Вака поставената состојба уште на самиот почеток веќе ги покажа своите недостатоци“, истакна таа.

Василевска оценува дека јасно е дека во дел од општините денес немаше услови воопшто и да започне првиот училишен час.

„Бројката на заразени граѓани е енормно висока, а родителите чувствуваат страв и несигурност и има голем процент кои не се подготвени да ризикуваат и да ги остават своите најмили во опасност од заразување и другите трагични последици како резултат од истото. И сето тоа заради комплетната неспособност на власта да направи план и сериозна стратегија во интерес на граѓаните. Информациите исто така говорат дека и таму каде што денес започна наставата во училиштата, евидентно е дека истите немаат ниту соодветни протоколи, а камоли средства за дезинфекција. Кристално е јасно дека Мила Царовска и оваа Влада успеаја да го направат невозможното и со својата неодговорност и незаинтересираност доведоа на прагот на тоталното уништување еден образовен систем кој функционира повеќе од 70 години. Лошиот менаџмент со образовниот систем доведе до сериозни последици врз цели генерации ученици, истите се ненадоместливи и доколку се случи евентуалната одговорност на надлежните, бидејќи за ваквиот масакр во оваа круцијална дејност како што е воспитно-образовниот процес, последователните корекции нема да успеат да ја поправат направената штета“, истакна Василевска.

Пратеничката порача дека од тие причини веднаш треба да се засилат протоколите.

„Да се обезбедат брзи тестови за училиштата. Да се обезбедат таблет компјутери за учениците кои немаат и не можат да си дозволат да ги набават. Бараме неотповиклива оставка од Мила Царовска и очекуваме итна реакција и овозможување на услови кои се издржани и порачуваме доколку власта не располага со стручни луѓе, ВМРО-ДПМНЕ е подготвено и може веднаш да испорача решенија за излез од оваа траорна состојба. Оваа власт мора да замине, оти Македонија е за сите луѓе“, заклучи Василевска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.