ВМРО-ДПМНЕ бара Собранието да расправа и да го санкционира Џафери за тешките повреди на етичкиот кодекс

Денес пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ поднесоа барање до пратеникот Панчо Минов, претседател на комисијата за деловнички прашања и прашања од етичкиот кодекс, да закаже во најкус можен рок седница на која ќе се расправа за тешките повреди на етичкиот кодекс од пратеникот и претседател на Собранието Талат Џафери, направени на 11 мај годинава, информира Антонијо Милошоски, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

-Ние сите бевме сведоци, целата јавност ги виде тие тешки повреди и слушна, бидејќи тоа беше пренесувано во живо на радиодифузниот сервис на МРТВ и сите ги имаме и снимките. И затоа во прилог доставивме и снимка до господинот Панчо Минов за да има материјали врз основа на кои ќе може да работи оваа комисија. Најмалку четири пратеници од нашата пратеничка група биле сведоци на овој немил настан, биле внатре во самата просторија каде што на еден вулгарен и недоличен начин, претседателот Џафери ги понижувал и им вршел притисок на вработени во службата во Собранието и истите тие пратеници ќе бидат расположени да посведочат кога ќе закаже господинот Минов ваква комисија за оваа тешка повреда на етичкиот кодекс. Би сакал јавноста да ја запознам, дека господинот Талат Џафери лично на 11 јуни 2018 година го има потпишано етичкиот кодекс за однесувањето на пратениците во Собранието. Во член 14 е предвидено како тешка повреда на кодексот доколку некој пратеник врши притисок или недостоинствено се однесува кон вработени во Собранието. Ако ова важи за сите пратеници, треба да важи и за првиот меѓу еднаквите, затоа што етичкиот кодекс не би имал смисла ако не важи за пратениците од владејачкото мнозинство, истакна тој.

Милошоски апелира, особено до пратеничките од понежниот пол, од владејачката коалиција, да се придружат на оваа иницијатива, да се расправа на седницата за прекршување на етичкиот кодекс и да се донесе одредена санкција затоа што навредите, омаловажувањата и вулгарностите беа родово базирани на стереотипите на Талат Џафери, иако е претседател на Собранието.