ВМРО-ДПМНЕ: Богоев продолжува да ги лаже и потценува младите

Стефан Богоев продолжува со лажните и празни ветувања упатени до жителите на општина Карпош. Тој како кандидат за пратеник ветуваше брда и долини за младите и ништо не исполни, а сега гледаме дека истото го прави како кандидат за градоначалник на општина Карпош, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на денешната изјава на кандидатот за градоначалник на општина Карпош од СДСМ, Стефан Богоев.

„СДС и Стефан Богоев немаат ни срам ни перде кога говорат за младите. Кандидатот за градоначалник во општина Карпош од СДС олигархот Стефан Богоев продолжува да ги лаже, манипулира и потценува младите. СДС со прст не мрдна изминативе 4 месеци, со цел подобрување на условите за живот и работа на младите. Ситуацијата за младите во ништо не се подобри, дури и се влоши, но сега ниту Заев, ниту Шекеринска, ниту Богоев, не го сметаат тоа за проблем. Поминаа 4 месеци, а ништо од ветеното не е остварено. Младите видоа дека се жртва на манипулација на Стефан Богоев и Зоран Заев“, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму посочуваат дека младите нема да дозволат повторно да бидат изманипулирани и потценети од Стефан Богоев и Зоран Заев.