ВМРО-ДПМНЕ: Да имаше градежна офанзива граѓаните ќе ја видеа, капиталните инестиции се помали

На граѓаните им е доста од празните флоскули и лагите и манипулациите кои им ги сервира власта, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на министерот Горан Сугарески.

Со каков раст се фали министерот Сугарески кога реализацијата на капиталните инвестиции за првата половина од 2019-та година е помалку од 20 проценти. Со ребалансот на буџетот власта скрати неверојатни 50 милиони евра кои беа наменети за реализација на капитални инвестиции.

За каква економска година говори министерот Сугарески кога повеќе од 60 проценти од македонските граѓани не можат да си дозволат да заминат на годишен одмор, а повеќе од 500 илјади граѓани живеат во сиромаштија. Доколку годинава беше економска и економијата блескаше како што знае да се пофали Заев, немаше во еден ден од Делчево да си заминат илјада жители во потрага по подобар живот надвор од Македонија.

Доколку оваа власт донесеше живот како што ветуваше, немаше повеќе од 80 проценти од младите да бараат начин како да си заминат од Македонија.

Да имаше градежна офанзива истата граѓаните ќе ја видoа.

Со пофалбите кои си ги упатуваат кон самите себе владините претставници не го подобруваат животот на граѓаните. Власта може колку сака да бега од соочување со граѓаните. За неработата, неспособноста и криминалот, граѓаните ќе го казнат СДСМ на следните парламентарни избори.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески најави дека растот на градежништвото ќе продолжи и во наредниов период што според него се должи на реализацијата на иннфраструктурните проекти.

 

– Најавивме економска година и интензивно работиме на реализација на инфраструктурните проекти така што, резултататите се веќе видливи. Тоа го потврдуваат и последните податоци за Бруто домашниот производ за вториот квартал каде имаме раст од 3,1 отсто или само градежништвото бележи раст од 2,8 отсто, и со исто вакво темпо продолжуваме и во следниот период, изјави Сугарески по увидот на рехабилитацијата на регионалниот пат од Маврово до Никифорово.

Тој нагласи дека во ек е градежната офанзива низ целата земја и притоа се реализираат значајни проекти. Сугарески потенцира дека засилено се работи насекаде низ државата и како што рече, подобрувањето на состојбата на патиштата е од особено значење и за граѓаните и за компаниите, како дел од ветувањата за рехабилитација на целокупата патна мрежа.