ВМРО-ДПМНЕ: Декласификација на податоците за вакцинирани во Македонија, да се види дали и колку функционери се вакцинирани преку ред

Власта на Заев и Филипче не успеа ниту една вакцина да набави и целата имунизација која се спроведува на дел од населението е поради донации или добра волја на соседна Србија, велат во партиското соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

Заради тоа Македонија е на дното по вакцинација во светот, а на врвот по смртност од ковид 19. Патем Зоран Заев се уште не ги декласифицира информациите со кои ќе се види дали и колку функционери од власта се вакцинирале преку ред. Очекува народот да му верува во чесен збор, а чесен збор од најкорумпираниот хибриден режим во Европа не вреди ни пет пари.

Постојат основани сомневања, за кои пишуваа и странски медиуми дека функционерите од власта се вакцинирани преку ред, пред здравствените работници, пред негувателките во градинките, пред старите лица, пред хроничните болни и сите други загрозени категории граѓани.

Доволно се наслушавме лаги од власта. Доволно страдавме од нивната неспособност да набават вакцини и да се обидуваат да ќарат провизии дури граѓаните заболуваат и умираат.

Уште еднаш го повикуваме Заев уште веднаш да ги декласифицира и објави информациите – Кој до сега се вакцинирал! Секој обид да го избегне тоа е само уште еден доказ дека во оваа епидемија на една страна е привилигираната елита од власта, а на друга страна е обичниот граѓанин, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.