ВМРО ДПМНЕ ДО ВЛАСТА: Прво прифатете принципи, а потоа договор за СЈО

ВМРО ДПМНЕ до Министерството за правда испорача документ со наслов „Принципи и насоки на ВМРО ДПМНЕ во донесување на закон за јавно обвинителство“. Во документот се прецизирани принципи кои, според опозицијата треба да бидат втемелени во идното законското решение со кое се регулира работата на јавното обвинителство, но и функционирањето на Специјалното јавно обвинителство.

Претставникот на ВМРО ДПМНЕ во разговорите за предлог законот за јавно обвинителство, адвокатот Тони Менкиновски вели дека во решението мора да бидат инкорпорирани меѓународните стандарди за јавни обвинители, потоа праксата на Судот за човекови права во однос на основните човекови права и принципи на независност, отчетност, ефикасност и ефективност во борбата против криминалот.

Во документот прецизирани се конкретни барања на опозицијата во однос на законот

„Избор на Јавниот обвинител по предлог на опозицијата! Решение кое ќе ја ефектуира независноста и неутралноста на Јавното Обвинителство од извршната власт;  Согласно принципот на отчетност Специјалното обвинителство да ги доврши  започнатите судски предмети кои се поднесени до 30 Јуни 2017 година и согласно со законот да престане да ја извршува функцијата сегашниот персоналниот состав на ова обвинителство, како и да се формира Анкетна комисија која ќе ја оцени неговата работа од страна на Собранието на Република Македонија“, рече Менкиновски на прес конференција попладнево.

Покрај ова, Менкиновски вели опозицијата исто така бара проширување на делокругот  на предметите, особено, како што велат, оние предмети кои во минатото беа покриени со различни афери и отворање на овој корпус на предмети од страна на нов јавен специјален обвинител.

Од министерката за правда, Рената Дескоска, која ги преставува позициите на СДСМ во разговорите засега нема одговор на прес конференцијата на Менкиновски. Во Министерството го очекуваат документот од ВМРО ДПМНЕ.

Дескоска  по првата средба во понеделникот изјави дека барањето СЈО да биде само одделение во јавното обвинителство е неприфатливо за власта, како и прекин на постапките на Специјалното обвинителство почнати по 30-ти јуни 2017 година.

Но, пратеникот на ДУИ, Артан Груби кој исто така учествува во преговорите смета дека низ разговори и конструктивна дебата власта и опозицијата може да постигнат договор за предлог законот.

Обидите да се приближат ставовите во однос на клучните прашањата продолжуваат утре попладне во Министерството за правда.