ВМРО-ДПМНЕ ќе бара специјална комисија за справување со Ковид-19

ВМРО-ДПМНЕ ќе бара да се формира специјална комисија за справување со Ковид-19, која што ќе ја гласа Собранието по предлог од Владата, е одлучено на синоќешниот состанок на Извршниот комитет на партијата.

Комисијата според предлогот на ВМРО-ДПМНЕ треба да содржи 11 члена, меѓу кои министерот за здравство и директорот на Центарот за Управување со кризи, а останатите членови да бидат инфектолози, епидемиолози, имунолози и интернисти.

Претходно од партијата обвинија дека СДСМ политизираше сѐ, вклучувајќи ја и Комисијата за заштита од заразни болести, како и дека одлуките се политички, а не стручни.

-Комисијата за заразни болести, од почеток ја води погрешно работата, без план и стратегија, само да се задоволат апетитите на власта. Тоа предизвика Македонија да нема втор есенски бран, туку континуиран бран со пикови, кои се секој ден сѐ поголеми, стои во соопштението.