ВМРО-ДПМНЕ ќе ги испрати во историјата овие неуспешни политичари коишто три години ја држат Македонија во заложништво

Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО ДПМНЕ е оптимист за една голема победа која што ќе се случи на 15 јули, кога народот заедно со Коалиција „За Обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги испрати во историјата овие неуспешни политичари кои што 3 години ја држат во заложништво Македонија.

Ова го порача Мицкоски од Струмица каде што беше денеска заедно со потпретседателот на партијата Александар Николоски.

„Ќе разговараме за она кое што е актуелно, ќе разговараме за тоа што е направено изминативе три години од страна на ова раководство на СДСМ предводено од Зоран Заев т.е да бидам попрецизен тоа што не е направено“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски.

Тој и Николоски во Струмица ќе ги презентираат дел од проектите што ги планираат да ги реалзираат во периодот кој што следи.

„Да ја претставиме практично обновата која што доаѓа, да ја пренесеме онаа енергија која што се чувствува секаде низ Македонија и овде во Струмица, морам да кажам дека на прва впечатокот е одличен. Јас сум оптимиста за една голема победа која што ќе се случи на 15 јули, народот заедно со Коалиција „За Обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги испрати во историјата овие неуспешни политичари кои што 3 години ја држат во заложништво Македонија.

Така што еве да не должам, да сумирам им посакувам многу среќа и здравје пред се на струмичани, да се чуваат бидејќи ова се предизвикувачки времиња, а ние сме тие кои што колку може ќе внимаваме во вој предизборен период, но ВМРО-ДПМНЕ е партија од народот и никако не може да води кампања позади сметачките машини, позади екраните, туку ВМРО-ДПМНЕ ќе биде заедно со народот и во следните 25 дена и во оние 20 дена кои што ќе бидат дел од кампањата, така што очекувајте не, тука сме со народот колку може ќе бидеме заштитени, ќе ги почитуваме оние протоколи за заштита на здравјето на граѓаните“, рече Мицкоски.

Николоски рече дека преку деловите од програмата кои што ги има ВМРО ДПМНЕ, како и ветените, а нереализирани ветувања на актуелната власт, сакаат да ги запознаат граѓаните со актуелностите во државата.

„Всушност за тоа и не треба многу да информираме или да се обидуваме на било кој начин пропагандно да го правиме тоа, затоа што тоа се гледа. Доаѓајќи навака накај Струмица, јасно се гледа како стои магистралниот пат кој што требаше да го продолжи автопатот кој што завршува во Штип, и од Штип да продолжи надолу кон Радовиш и од Радовиш кон Струмица. За жал 3 години стои, тоа е едно огромно нереализирано ветување, како што има десетици други нереализирани ветувања во целиот овој регион. За жал четвртата изборна единица е еден показател на најголем број на нереалзиирани проекти, од она што беше ветено пред 4 години како т.н. План за живот, а кој што стана План за измами, за богатење и за корупција.

Ние работиме на една програма која што ја работат најдобрите експерти во Македонија од сите области и која што програма ќе даде одговори на најгорливите прашања на граѓаните. Сериозен развој на целиот овој регион, брз економски развој и брз инфраструктурен развој е нешто што ќе го гледаме во следните 4 години“, рече Николоски.