ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да влезе во Влада со сите партии, но не и со ДУИ

ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да влезе во Влада со СДСМ и со останатите политички партии, но без учество во истата Влада на Демократската унија за интеграција. ВМРО-ДПМНЕ е подготвен да учествува во истата со тоа што избори подготвува техничка Влада, не оваа Влада, 100 дена пред одржувањето на тие избори. А, евентуалните уставни измени да важат денот кога ќе отпочне ратификацијата на пристапниот Протокол на Македонија во рамките ЕУ од парламентите на 27-те земји членки.

Ова бил одговорот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски до премиерот Димитар Ковачевски, кој на лидерската средба предложил да во рамките на Парламентот отпочне дискусија и се отвори, практично и се изгласа со две третини потребата за промена на Уставот, а потоа да биде формирана Влада во која што од десетте ресори кои што во овој момент ги менаџира СДСМ пет да бидат дадени на ВМРО-ДПМНЕ, да бидат завршени уставните измени, да отпочне процесот на преговори и дури потоа да бидат затворени можеби едно или две или три поглавја во зависност од брзината како ќе се одвива тој процес на преговори, а таа Влада да оди на парламентарни избори и да ги подготви истите.

-Тоа тој го протоколкува како кршење на Преговарачката рамка, јас тогаш му реков во ред имам предлог јас за тебе. Да одиме на предвремени парламентарни избори кои што ќе се одржат на, три дати дадов како предлог, на есен генерално, да се формира влада на широко национално единство во која што нема да биде дел Демократската унија за интеграција и бидејќи ниту една земја членка на ЕУ нема против со македонскиот многувековен идентитет, традиција, култура, обичаи, македонскиот јазик, тогаш еве јас сум подготвен да разговарам со неколку премиери на земји членки на ЕУ на следниот состанок на Европскиот Совет, да изгласаат потврда, гаранција за сето ова кое што ние го збориме па да видиме дали е навистина така како што ни велат дека е така, имајќи предвид дека сега и Бугарија има легитимна влада избрана од Националниот парламент таму. И со тој документ да дојдеме пред македонските граѓани и да кажеме еве овој пат Европа застанува позади многувековниот македонски идентитет, култура, традиција, обичаи, македонски посебен јазик и дека овој пат конечно Европа има чиста и јасна цел пред себе Македонија да биде дел од европското семејство. Потоа да побараме од страна на претседателот на Европската Комисија определен економски пакет за македонските граѓани и за бизнисот да го подготвиме во процесот на преговори затоа што тој мора да биде конкурентен на европскиот пазар, да може да ги задржи луѓето тука, бидејќи знаете дека миграцијата, иселувањето е големо, истакна Мицкоски по средбата.

ОД ДУИ пак истакнаа дека партијата е подготвена да поддржи Влада без ДУИ до избори, ако опозицијата поддржи уставни измени.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој воедно е и портпарол на ДУИ, на социјалните мрежи објави дека ДУИ е подготвена да поддржи Влада без ДУИ до избори, доколку опозицијата ги поддржи уставните измени и истите стапат на сила пред формирањето на таа влада. Неговата реакција доаѓа откако Мицкоски по средбата со Ковачевски порача дека ВМРО-ДПМНЕ би влегла во широка Влада, во која нема да ја има ДУИ.

ВМРО-ДПМНЕ пак ја поздравува подготвеноста на ДУИ да оди во опозиција и како што велат, останува уште да се согласат на одложена примена на уставните измени откако Македонија ќе влезе во ЕУ.

-ВМРО-ДПМНЕ го поздравува ставот и подготвеноста на ДУИ за одење во опозиција која доаѓа по денешниот настап и притисок на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Останува уште ДУИ освен за опозиција да се согласи за одложена примена на измените се до периодот на влез на Македонија во ЕУ, откако ќе се увериме дека нема други условувања за македонскиот идентитет. Сакале неќеле догодина ДУИ ќе биде опозиција, но добро е што стануваат свесни, подвлекуваат од ВМРО-ДПМНЕ.