ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи посебни регистарски таблички за службените автомобили, за да се спречат злоупотреби

-Сакаме да ставиме крај на злоупотребите на службените возила што се во сопственост на државните органи и на општините, заради што ќе предложиме воведување посебни регистарски ознаки за нив, најави дополнителниот заменик министер за информатичко општество и администрација, Стефан Андоновски, при денешната работна посета на Општина Кочани.

-Со специјалните регистерски ознаки на државните службени автомобили ќе се спречи злоупотребата за приватни и партиски цели. Во изминатите шест години службени возила често беа видувани како се користат за време на викенди, се патува надвор од државата со нив, а за сето тоа немаше одговорност. За да го спречиме ова, сакаме да воведеме специјална боја на регистарските ознаки на службените автомобили со што точно ќе се знае кој државен автомобил каде се наоѓа во моментот и дали некој го употребува или злоупотребува. Ќе воведеме и специјален регистар на автомобили во државна сопственост со што точно ќе се знае кој автомобил во која институција е распореден. Сметаме дека така ќе се стави крај на злоупотребата на возилата, истакна Андоновски.

Трошоците за изработка на новите регистарски таблички и за потребната документација би биле на товар на државните органи или институциите кои се сопственици на возилата.

-Планот сè уште не е целосно разработен, но тоа секако нема да биде на товар на граѓаните. Идејата не ни е да создаваме дополнителни обврски за нив или за државните институции, но мора да се заштитиме од злоупотреби, додаде Андоновски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.