ВМРО-ДПМНЕ е со намера да ги повлече амандманите на Законот за државјанство

ВМРО-ДПМНЕ размислува да ги повлече амандманите на Законот за државјанство, во очекување Алијанса за Албанците и Алтернатива да го деблокираат петтиот пакет економски мерки. Одлуката за овие закони во тој случај целосно би зависела од СДСМ и од другите парламентарни партии, брифираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Ова лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски веќе го најави по тет-а-тет средбата со премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев која се одржа неодамна.

Петтиот пакет економски мерки, како и други закони веќе подолго време се заглавени во Собранието со илјадници амандмани поднесени од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива. АА-А останаа на ставот дека ќе ја деблокираат работата на Собранието, односно ќе ги повлечат амандманите само доколку се најде решение за Законот за државјанство.

Во таа насока по средбата Заев – Мицкоски, премиерот со министрите за правда и МВР, Бојан Маричиќ и Оливер Спасовски се сретна со координаторот на пратеничката група на АА-А Скендер Реџепи, по што двајцата изразија оптимизам дека ќе постигнат решение за таканаречените фантоми.

АА-А предложија измени на Законот за државјанство со кои меѓу другото бараа македонско државјанство да може да се добие само со изјава на тројца сведоци и со познавање на еден од службените јазици, се мисли на албанскиот јазик. Ова од македонскиот блок партии беше одбиено како неприфатливо.

По средбата Заев Реџепи и Алијанса и Алтернатива се согласија дека ќе нема државјанства само со изјави на сведоци, односно дека граѓаните кои бараат македонско државјанство ќе треба да приложат некаков документ за да се стекнат со државјанство

За другите спорни барања од предлогот на АА-А се очекува неделава повторно да има средба меѓу претставници од власта со Коалицијата Алијанса и Алтренатива.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.