ВМРО-ДПМНЕ: Филипче гради згради, а продолжува катаклизмата во здравството

Секојдневните троцифрени бројки од заболени од Kовид-19 се доказ дека министерот за зараза и смрт не се грижи за здравјето на граѓаните. Додека Филипче гради згради низ Скопје, граѓаните заболени од Kовид-19 умираат, велат од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.

-Бројката од 725 починати е сериозен аларм дека во државата не функционира здравствениот систем. Наместо владата да побара одговорност од министерот за зараза и смрт, таа го наградува со сомнителни тендери. Бројката на заразени од ковид-19 изнесува 17.629 и е доказ дека владата на Заев не е подготвена за вториот бран на овој вирус. Оваа бројка не влева оптимизам дека граѓаните се во сигурни раце. Оваа бројка единствено е доказ дека граѓаните се препуштени сами на себе. Сами да се грижат за своето здравје – стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму велат дека Mакедонија е единствена земја во Европа каде што заболени од Kовид-19 не се примаат во болниците затоа што биле „стари луѓе“, а ги нема ниту најавените 16 монтажни болници чии постапки до сега требаше да се распишат.

-Очигледно здравствениот систем нема доволно капацитети, иако по изјавите на Филипче тие беа доволни, па сега нелогично се оневозможува хоспитализирање на новозаболени од корона вирус – се вели во соопштението.