Институциите се целосно нефункционални, бидејќи прв и единствен интерес на Заев и неговите најблиски соработници е личното богатење. Затоа владее хаос и неизвесност, а на две недели до почетокот на учебната година стотици илјади семејства не знаат дали и како ќе се организира наставата, обвини ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
„Состојбата со коронавирусот е загрижувачка. Секојдневно се бележат нови заразени и нови починати. уште позагрижувачки е однесувањето и рамнодушноста на власта за целовкупната состојба. Нови кластери се отвораат, како што е состојбата во психијатриската болница во Демир Хисар. Бројот на активни случаи од 3.021 граѓани заболени со корона е поразителен. Македонија во август месец е високо на рангот на држави кои имаат најголем број на заразени на сто илјади жители со дури 594 случаи, далеку пред дел од земјите од регионот. Системот на здравството не функционира со СДСМ на власт, состојбите во болниците и начинот на кој се третираат пациентите се мизерни, граѓани кои се негативни се ставаат во самоизолација или во карантин. ВМРО-ДПМНЕ на многу наврати посочуваше дека мерките за превенција треба да бидат во примарен фокус, за да може да се стави крај на ширењето на вирусот, но власта со недостатокот од знаење и својата неспособност дозволи вирусот да земе се поголем замав. Филипче и СДСМ со своите политики не знаат каде тераат, а безидејноста ја гледаме од почетокот на кризата до сега“, се вели во соопштението.
Неспособноста за одлучување и преземање одговорност во грижата за учениците, неизвесноста која се одолговлекува, наведено е таму, само го зголемува нетрпението кај родителите, и покажува дека Филипче и СДСМ немаат никаква идеја што да прават.
„Македонија е негативен пример за регионот и Европа и на врвот на земјите кои неуспешно се справуваат со коронавирусот“, се вели во соопштението.