Веројатно малкумина од граѓаните разбраа дека во текот на вчерашниот ден во просториите на Општина Охрид се одржала јавна расправа за оправданоста од долгорочно задолжување на Општина Охрид. Епилогот на расправата е непознат, освен веста дека се одржала, а ниту збор за тоа какви биле ставовите на присутната „јавност”. Јавна расправа по теркот на оние на Мила за реформите во образованието, велат од ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид.
Во продолжение интегрален текст и видео:
Но, она што треба да допре до јавноста е фактот дека повторно на два месеци пред локалните избори, локалната власт и Георгиески пред заминување сакаат да земат кредит од 5 милиони евра за раздолжување, а граѓаните ќе го враќаат идните 10 години. Слично беше и пред последните вонредни локални избори кога беа потрошени дури 9 милиони евра народни пари за истата цел.
Загрижува и фактот наведен во Физибилити студијата дека со близу 300 милиони денари општината ќе се раздолжи и ќе ја одблокира сметката, не се совпаѓа со она што го кажале на јавната расправа, а тоа е дека долгот е 470 милиони денари.
Па така сосем е извесно дека и покрај задолжувањето, Охрид и натаму ќе остане со блокирана сметка. Најпроблематично од сè е тоа што ова се случува непосредно пред локални избори, што фрла сомнеж за начинот и целта за која ќе се потрошат овие суми, кои потоа со години ќе ги враќаат токму граѓаните на Охрид.
Срамно и врв на неспособноста е дека Георгиески и покрај тоа што не направи ниту една капитална инвестиција сега сака да ги задолжи охриѓани за идните 10 години кои ќе треба да вратат со камати близу 8 милиони евра.
Не смееме да дозволиме Георгиески да решава за нашата судбина, Општина Охрид не е негова приватна фирма.
Ги повикуваме советниците без оглед на која политичка партија припаѓаат, особено од власта барем еднаш во нивниот четиригодишен мандат да застанат зад интересите на граѓаните.