ВМРО-ДПМНЕ ги повлече амандманите на Законот за државјанство, се чека ист потег и од Алијанса и Алтернатива за петиот пакет мерки

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ги повлече амандманите на Законот за државјанство и повика Алијанса и Алтернатива да ги повлечат амандманите на петиот пакет економски мерки.  Координаторот на пратеничката група Никола Мицевски на прес конференција изјави дека на политиканството и лицемерните игри на Заев и СДСМ на сметка на граѓаните и стопанството, им нема крај и дека носењето на нов закон за државјанство ќе потрае.

– Оттука, ние како пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, целосно го осудуваме инженерингот на Заев и СДСМ. Свесни за недостигот на искрена желба за брзо решение, но и за критичниот момент во кој што се наоѓаат Македонија, граѓаните и стопанството, ќе ги повлечеме сите амандмани на Законот за државјанство се со цел конечно да се изгласа петтиот пакет на мерки за помош на граѓаните и стопанството. Дури и во вакви моменти, кога над 55 илјади граѓани останаа без работа и едвај врзуваат крај со крај, кога македонската економија е на колена и илјадници компании се затворија, Заев и СДСМ без око да им трепне покажуваат огромна неодговорност и негрижа за граѓаните и стопанството – вели Мицевски.

Тој вели дека од друга страна, бидејќи Владата до предлагачот достави негативно мислење, а со недели Зоран Заев и други официјални лица на СДСМ даваат изјави за неприфаќање на текстот на законот кој е во процедура, ги повикуваме истиот веднаш да го стават на комисија, бидејќи нема деловнички пречки односно нема амандмани, да ја продолжат пленарната седница и да се гласа за овој закон.

– Истовремено, ја повикуваме коалицијата Алтернатива и Алијансата за Албанците да ги повлечат амандманите од петтиот пакет на мерки, за да можат компаниите и граѓаните да ги добијат и онака недоволните и задоцнети средства како помош за справување со последиците од ковид пандемијата. Неодговорното однесување на Заев и власта редно време е да престанат. Македонските граѓани и македонската економија немаат време за чекање, немаат време за игри и пазарења на Заев, ним им е потребна помош веднаш, без одлагање.  На крајот, како одговорни пратеници, од оваа говорница уште еднаш апелираме до парламентарното мнозинство веднаш да се одржат и да продолжат со работа матичните комисии каде се наоѓаат законите од петтиот пакет на мерки, а потоа во текот на денот или најдоцна утре да се одржат и пленарните седници на кои би се гласало по овие точки – вели Мицевски.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.