ВМРО-ДПМНЕ ги предаде листите: До полноќ партиите треба да достават предлози за членови на избирачки одбори

До ноќеска на полноќ политичките партии до oпштинските изборни комисии (ОИК) треба да достават предлози за членови на избирачките одбори (ИО) и нивни заменици, заради формирање односно евентуално дополнување на ИО со нови членови и заменици.

Според информациите, владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги предаде листите, на нив се околу 3.500 партиски кандидати, пишува Република.

Обврската за предавање на листите е во согласност со Роковникот  на Државната изборна комисија (ДИК) за спроведување на предвремените парламентарни избори на 5 јуни. Од ДИК информираат дека испратиле соопштение и дека се јавуваат во општинските изборни комисии за да им укажат дека денеска ќе треба да ги чекаат предлозите на политичките партии.

Дел од опозициските медиуми објавија дека СДСМ нема да делегира свои претставници во избирачките одбори кои треба на терен да ги спроведат деветтите парламентарни избори закажани за 5 јуни, што опозицијата најавува дека ќе ги бојкотира. Опозицијата реши претходно да не ги повлекува своите двајца членови од ДИК за да обезбеди контрола врз изборните подготовки, но тие во последниот период не учествуваат на состаноците на Комисијата, каде што речиси сите одлуки се носат сега во сооднос шест наспроти еден.

Силвана Бонева, член на ДИК, вели дека и „Мост“ и „Цивил“ зборуваат невистини и затоа и нив како и двајцата колеги од СДСМ ги покануваат да дојдат на седница и на заедничка маса отворено да ги кажат своите конкретни сомнежи за избирачкиот список.

Не можам да разберам од каде доаѓаат обвинувањата од „Мост“ и „Цивил“, но и нив како и колегите во ДИК од СДСМ, кои и понатаму ја бојкотираат работата на Комисијата, ги покануваме да дојдат и отворено да кажат што им пречи во работата на Комисијата. Сите други членови решивме да му одговориме на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој со поединечно писмо до секој од нас побара во Избирачкиот список да не влезат 138.167 луѓе со валидни патни исправи. Тоа ќе значеше дека им го одземаме правото на глас. А законот пропишува дека право на глас има секој полнолетен деловно способен граѓанин кој има валидна лична карта и патна исправа, вели Бонева.

На прашањето дали ова било пресвртна точка за бојкотот од СДСМ, Бонева е скептична.

Не сметам дека бојкотот има каква било врска во бројките и гласачите. Тоа е став на СДСМ и нивната политика. И не би сакала да навлегувам во нивните мотиви. Вчера двајцата нивни претставници ги повикавме да дојдат на седница наместо преку медиумите да ни најавуваат дека ќе правеле ревизија на работата на своите колеги. Со конкретни бројки што по неколкупати темелно ги проверувавме им покажеме дека не е точно дека имало илјадници гласачи со поништени лични карти. Неколкукратни проверки направиме и за оние 71.798 гласачи кои првично ги имаше само во базата на МВР, а не можеа да се најдат во петте други бази со кои ја споредуваме. Излезе дека од нив има 7.571 со поништено живеалиште. Повторно проверуваме и од МВР добивме одговор дека 7.054 имаат нови пасоши, а 5.510 нови лични карти и има едно починато лице, додава Бонева.