7.8 C
Skopje
петок, март 29, 2024

ВМРО-ДПМНЕ го објавија начинот на кој СДСМ го крши Деловникот за расправата на Академијата за судии и јавни обвинители

Без никакво гласање, со груба повреда на деловникот, денеска на КПС, Мираковска констатира дека завршил прв ден од расправа за Закон за Академија за Судии и Обвинители! Како завршува нешто што не е започнато, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.

-Денеска на Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците се расправаше предлог законот за академијата за судии и јавни обвинители. Се случи нешто грозоморно и недозволиво за европската дипломатија, претседателката на комисијата Соња Мираковска на најрежимски начин се обиде да протне дека е прв ден од почеток на расправата, ова е надвор од процедура и кривично дело, изјави пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска.

Таа додаде дека се работи за предлог закон со европско знаменце и кој е надвор од процедурите на она што е потреба за усогласување со европската регулатива и дека ова е закон кој има за цел да ја онеспособи опозицијата и слободоумните граѓани.

– Овде се врши непотизам и селекција, но и од страна на Мираковска е извршено кривично дело според КЗ член 353 кое што укажува на злоупотреба на службена должност и овластување. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи вакво злосторничко здружување во македонското општество и најмалку ќе дозволи македонското Собрание да стане арена за проток на сите нивни режимски , хибридни идеи кои имаат за цел сместување на послушници, приврзани и своите во судските и обвинителски функции, рече Василевска.

Пратеничката Гордана Сиљановска Давкова потенцираше дека ниту почна, ниту може да заврши нешто што не почнало.

– Денешниот ден беше ден во кој што зборувавме за процедурата. Имено, укажавме дека овој закон многу важен за академијата за судии и јавни обвинители, не смее да биде донесен во скратена постапка на ексклузивен начин, туку напротив, инклузивно да се вклучат сите засегнати и оние од експертската јавност и оние од невладиниот сектор за да дојдеме до подобри решенија оти ние само ги менуваме законите вклучувајќи го и овој, досега три закони имало и тоа не се менува туку се носи нов закон и повторно се соочуваме со истите проблеми, затоа мислевме дека низ дебата ќе дојдеме до подобри решенија ама некој бега од дебата. Ние само сакавме да кажеме дека ниту еден услов од деловникот за европско знаме и за скратена постапка не е исполнет. Како може тогаш некој да смета дека без гласање, еве јас сум живо заинтересирана со колку гласа За беше усвоен дневниот ред а со колку против, рече таа.

Таа потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ има подобри алтернативни кои ќе значат гаранција за подобра Академија за судии и јавни обвинители но очигледно е дека некому не му е до квалитетот на законот туку само му е да се донесе.

Пратеничката Дафина Стојаноска истакна дека власта постапува шверцерски и дека власта покажува сила и моќ.

– На кукавички начин ја завршува седницата и буквално бега и не остава простор. Тоа се нејзините можности како претседателка, а сето останато ние овде ги имаме истите права. Ако тоа не ни го овозможат, вака со прекината седница и она што може јавноста да го види на собранискиот канал, барем да ги искористиме овие алатки, доколку е сеуште актуелен нивниот предлог за граѓанска одговорност, доколку и за тоа не бидеме обвинети, по нивна перцепција и нивното толкување на сите закони, рече таа.

Стојаноска дода дека дека не е започната материјална расправа, а самиот претставник делегиран од предлагачот не доби можност да каже за каков закон станува збор.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.