ВМРО-ДПМНЕ го поднесе Предлог Законот за амнестија за обвинетите од настаните во Собранието пд 27 април, потврди координаторот на пратеничката група „ВМРО-ДПМНЕ и коалиција „За подобра Македонија“, Драган Данев.
Игор Дурловски, Владо Јовановски, Богдан Илиевски и Борис Дамовски не се терористи!Не се терористи ниту вработените во Министерството за внатрешни работи, ниту останатите лица прогонувани врз основа на случувањата од 27-ми април! Тоа го знаеме ние, тоа го знаете и вие колеги од власта, а тоа го знае и целата македонска јавност.Затоа почитувани од СДСМ, бидете искрени и застанете еднаш зад она што го говорите, а кое е подадена рака и од нас за помирување. Затоа ВМРО-ДПМНЕ денеска го поднесе предлог законот за амнестија на лица осомничени, обвинети или осудени за собраниските настани од 27-ми април! Предлог законот е поднесен по скратена постапка и очекуваме пратениците од власта конструктивно да учествуваат во дебатата и да покажат дека не станува збор за лажно ветување за правда и национално помирување кое самите ќе го демантираат неколку дена откако беше споменато, изјави Данев.
Според него, СДСМ со своето делување внесува раздор, а не помирување во македонското национално ткиво и затоа ВМРО-ДПМНЕ доставува предлог закон за амнестија со кој се предвидува и уредува начинот на ослободување од кривично гонење, запирање на поведените постапки и целосно ослободување од издржување на казната затвор, а за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела согласно чл.384 – Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие, согласно 386 – Насилство, согласно чл.385 – Учество во толпа што ќе изврши кривично дело и дело согласно чл.313 – Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност.
Со овој предлог закон се предвидува и бришење на осудата на лицата осудени заклучно со денот на влегување во сила на овој закон. Предлог законот на ВМРО-ДПМНЕ обезбедува правда за сите, вистинско национално помирување, наместо селективност и поделби во општеството кои ги нуди СДСМ.Целта е национално помирување и враќање на нормалните текови во државата. Спроведувањето на истиот не предвидува финансиски последици врз Буџетот на Република Македонија или други јавни средства. Земајќи ја во предвид сложеноста на ситуацијата, законот го предлагаме во скратена постапка, како ефективно и ефикасно ќе дојде до спроведување на истиот, рече Данев.