ВМРО-ДПМНЕ го поздрави зголемувањето на минималната плата

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на 84-тата седница на Собранието на Република Македонија одржана на 6 февруари 2014 година едногласно ги донесе измените на Законот за минимална плата во Република Македонија со што тогашната минимална плата од 8 050 денари се зголеми на 8 800 денари.
Исто така, со овие измени се донесе и континуирано зголемување на минималната плата до 2016 година така што, во 2015 година минималната плата треба да изнесува 9 590 денери, додека во 2016 година минималната плата треба да изнесува 10 080 денари.

„Ја поздравуваме решителноста на Министерството за труд и социјална политика за имплементација на овој закон и предложените измени со кои ќе се зголеми минималната плата од 1 јануари 2015 година.Уште при првото зголемување на минималната плата како пратеници знаевме дека оваа мерка е повеќе од неопходна и позитивно прифатена од страна на граѓаните. Впрочем, тоа тие и го бараа. Со најновото најавено зголемување на минималната плата од 1 јануари 2015 година уште еднаш се потврдува дека носењето на овој закон и направените измени со цел покачување на минималната плата реши многу егзистенционални проблеми, но исто така и ги обврза работодавачите да исплаќаат минималец утврден со закон“, истакна Благоја Деспотовски, пратеник во Собранието од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој истакна дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ  ќе даде поддршка на законските измени кои веќе се во собраниска процедура, предложени од страна на Министерството за труд и социјална политика со кои се заоструваат санкциите доколку работодавачот не ја исплати минималната плата утврдена со законот.

„Доколку Државниот инспектор за труд утврди дека работникот добил износ помал од законски предвидениот, должен е да го опомене работодавачот да ја исплати минималната плата во рок од 7 дена, а доколку и тоа и не случи, да му изрече глоба на работодавачот во висина од 8 000 до 9 000 евра. Сигурни сме дека најавеното покачување на минималната плата на 9 590 денари во 2015 година повторно позитивно ќе биде дочекано од страна на граѓаните. Ние како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и понатаму ќе се трудиме и максимално ќе се залагаме за мерки кои ќе го подобруваат и ќе придонесат за поквалитетен животен стандарт на граѓаните и почитување на работничките права“, вели Деспотовски.