ВМРО-ДПМНЕ: Граѓаните ќе плаќаат повисоки сметки за струја, а власта ќе се луксузира и патува со авионски билети за 125 илјади евра

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека неспособноста на власта во енергетиката ја доведе државата во целосен енергетски колапс.

-Заради незнаењето и секојдневните криминални тендери во РЕК Битола, денес купуваме 5 пати повисока цена од тоа што, ако власта беше способна, ќе можевме да го произведеме во домашните капацитети. Повеќе од 9 милиони евра државата плати за увезување на струја за само неколку дена, а секојдневно стасуваат и опомени од европскиот енергетски систем заради тоа што државата „краде“ од меѓународниот систем. Ама затоа во сред грејна сезона на депонијата во РЕК Битола нема јаглен, ТЕЦ Неготино е целосно неспремно, а хидро акумулации и да нема во државата. Единствен успех на оваа криминална власт во енергетиката е тоа што успеа компаниите ЕЛЕМ и МЕПСО да ги направат загубари, бидејќи поважни беа тендерите за фамилијата Заеви, секојдневните партиски вработувања во овие компании, како и расфрлувањето пари за службени патувања, се наведува во соопштението на партијата.

Во истото се посочува дека додека Македонија е во енергетска криза и прогласена вонредна состојба во енергетиката, изминативе неколку месеци раководството на АД МЕПСО троши над 125 илјади евра народни пари за патувања. За граѓаните повисоки сметки, за власта патувања по светот.

За сето ова неодговорно работење на власта, цената ќе ја плаќаат граѓаните со повисоки сметки за струја, што неминовно следи. За овој хаос во кој ја внесоа државата мора да има одговорност. Зоран Заев, Васко Ковачевски и целата криминална власт ќе одговараат, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.