ВМРО-ДПМНЕ: Граѓаните се иселуваат, немаат пари и не знаат што да прават

„Граѓаните се иселуваат, немаат пари и не знаат што да прават, затоа што парите наместо кај граѓаните завршија кај криминалците во Луј Витон ташни“, се вели во соопштението на ВМРОДПМНЕ, констатирајќи дека наместо за граѓаните СДСМ работи за криминалците.

Од оваа партија истакнуваат дека СДСМ ги манипулира граѓаните и наместо празни бројки соопштени од прес-конференција, власта треба да ја погледне реалноста, за која велат дека не е розева, како што сака да ја претстави владеачката партија. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат доколку економијата била на прав пат, немало полни автобуси со млади луѓе секојдневно да ја напуштаат Македонија.

„Економијата е на стаклени нозе. Прометот во индустријата е паднат за 6.6%, а бројот на работници во истата е намален за 2.5%.

Земјоделието е разнишано. Земјоделците во скинати патики одат за да спечалат некој денар, а ветениот откуп и високи цени никаде ги нема. Кога си ги бараат правата министерот им доаѓа во брендирана гардероба и наместо решенија на нивните проблеми се расправа со нив.

Болниците се во лоша состојба. Студентите живеат во руинирани услови. Фирмите работат под притисок. Граѓаните се шиканирани од власта’, констатираат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат: „СДСМ си заминува и Заев и Костадинов тоа го знаат. Попусти се сите бледи прес-конференции на исплашените ликови“.