ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“ ќе поднесат предлог закон за викенди без ДДВ до Собранието

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“ во текот на денешниот ден ќе поднесе предлог закон за викенди без ДДВ до Собранието на Република Македонија, ова денеска преку изјава за медиумите го истакна пратеничката Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ.

-Цените на прехранбените производи се зголемени за близу 30% заклучно со септември, а кај поедини производи зголемувањето надминува и 50%. Власта поради високите цени прибира огромни средства од ДДВ и истите ги троши за купување октоподи, бифтеци и златен прибор. Со предлог законот на ВМРО ДПМНЕ секој викенд додека трае прогласената кризна состојба, односно до 30 април, бараме да биде викенд без ДДВ за прехранбени производи. Владата може и мора да се откаже од неколку милиони евра кои значително ќе им помогнат на граѓаните да се прехранат, вели Стојаноска.

Таа додава дека во текот на вчерашниот ден слушнавме дека мерките што ги најавија за време на викендот, својот ефект ќе го достигнеле во јануари идната година. Предолго е, нема време за чекање, мора да се делува сега и веднаш. Со нашиот предлог закон намалувањето на прехранбените производи ќе биде за 5% уште од овој викенд.

„Кога сме на тема ДДВ сакам да информирам дека ќе побараме дополнување и во законот за ДДВ со кое ќе ги ослободиме од данок дрвата за огрев и пелетите. Над 300 илјади домаќинства се греат на овој начин, а цените пораснаа речиси двојно. Останува прашањето зошто државното јавно претпријатие Македонски шуми дозволи вакво поскапување? Според предкризни податоци, над 20% е стапката на сиромаштија во Македонија. Со овие стапки на инфлација, кои е прашање кога ќе се намалат, овој процент драстично расте. Се намалува животниот стандард, граѓаните ги рационализираат своите трошења, а Димитар Ковачевски прави стенд ап низ Македонија“, потенцира пратеничката.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.