ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата почнуваат со активна блокада на Собранието

Политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ од денеска почнуваат со активна блокада на Собранието која ќе трае сè до договорот за датум за предвремени парламентарни избори. Власта, сепак смета дека овој чекор е за политички цели и потенцира дека лидерска средба заснована на уцени и закани нема да има. Доколку евентуално се одржи лидерска средба, според нив, таа треба да биде за прашања кои се стратешки и кои значат подобар живот на граѓаните.

Одлуката за блокада на Собранието беше потврдена едногласно на вчерашниот состанок на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“. Блокадата, според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски подразбира „попречување на штетните закони и политики“.

На седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ што се одржа на 4 мај, беше донесен заклучок да се пристапи кон активна блокада на работата на Собранието, и како што тогаш образложи потпретседателот на партијата Александар Николовски, таа подразбира блокада на сите штетни законски решенија и прописи што доаѓаат од Владата на СДСМ и ДУИ.

По вчерашниот состанок на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, координаторот Мицевски истакна дека „ова е процес што ќе трае најверојатно до пад на оваа Влада и одржување предвремени избори“. На координативната средба присуствуваше и лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

– Подготвени сме да одиме до крај зашто можеме и мораме да ја осигураме иднината на граѓаните, изјави Мицевски.

Според партијата, активната блокада е барање на граѓаните, бидејќи, според нив СДСМ создаде криза и сиромаштија.

– До 100 посто се зголемени цените на основните продукти, за 70 проценти се зголемени цените на горивата, за 30 отсто е зголемена цената на струјата, за 15 проценти е зголемена цената на парното греење. Тоа е во поголем дел вина на СДСМ и лошото управување со државата заради криминал. Ако остане СДСМ на власт долгот само ќе се зголемува, а инвестиции нема да има, сиромаштијата ќе расте, а криминалот ќе царува. Затоа предвремени парламентарни избори час поскоро, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на Алијанса за Албанците Зијадин Села смета дека предвремени парламентарни избори треба да има во октомври доколку земјава не добие датум за преговори на Самитот на Европската унија во јуни.

По вчерашната седница на Претседателството на партијата, Села изјави дека власта нема легитимитет и кредибилитет до редовните парламентарни избори во 2024 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.