ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата поднесоа 250 амандмани на Предлог – буџетот за 2024 година

Денес започнува разгледувањето на амандмани за Буџетот за 2024-та година. Во досегашната дебата колегите од СДСМ не ја прифаќаат реалноста за состојбите во Македонија. Јавниот долг е алармантно висок и на историско највисоко ниво, а економскиот раст ни е далеку под просекот наспроти земјите од регионот. Ова мора да се промени час поскоро, а тоа Ви ветуваме дека ќе се случи по изборите во мај, идната година, изјави Бојан Стојаноски, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

-Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за овој Предлог – буџет поднесе 250 амандмани преку кои сакаме да интервенираме и да поправиме нешто што сеуште може да се поправи.

Имено, денес на првиот ден од амандманската расправа ќе се разгледаат повеќе амандмани од кои би ги издвоил амандманите кои се однесуваат на намалување на ДДВ за електричната енергија, огревно дрво, храната, но и намалување на акцизата за горивата.

Сведоци сме дека во изминатите неколку години, цената кај овие категории е драстично покачена, речиси и 50% наспроти периодот пред пандемијата. Во исчекување сме на ново покачување на цената на струјата од партизираната Регулаторна комисија за енергетика и токму затоа бараме државата повторно да го намали ДДВ-то од 18% на 5% со цел да им се помогне на сите домаќинства.

Дополнително, огромен дел од домаќинствата се загреваат на дрва, а знаеме дека во текот на изминатите две зими цената на дрвото драстично се покачи, а беа забележани случаи и на измамени пензионери. На дрва се грее најчесто посиромашниот слој на граѓани и токму затоа бараме намалување на ДДВ за купување на кубик дрво од 18% на 5% со што ќе дојде до поевтинување од над 10%.

Последниот амандман кој е во врска со ДДВ то се однесува на храната, со кој бараме да се поништи одлуката на СДСМ за зголемување на ДДВ од 5 на 10% за прехранбени производи. Дополнително, во зависност од пазарните состојби и со цел спас на земјоделците и стопанството државата треба да се откаже од ДДВ на основни прехранбени производи наместо истите да банкротираат.

За крај, амандманот кој се однесува за намалување на акцизите ќе влијаат на целата економија. Целиот транспорт на стоки ќе поевтини, а со тоа и производите кои ги купуваме во маркетите, меѓуградскиот превоз и многу други гранки во кои значителен инпут се нафтените деривати.
Почитувани,

Се надеваме дека пратениците на СДСМ и ДУИ ќе имаат доблест и ќе ги прифатат нашите суштински предлози и сериозно ќе се заштити животниот стандард на граѓаните, рече Стојаноски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.