ВМРО-ДПМНЕ има поизразена предност пред СДСМ

Граѓаните се поделени во довербата за општините во кои живеат. Малку над половината (50,6%) имаат доверба за разлика од 47,5% кои немаат. Етничките Албанци (74,3%) и припадниците на другите заедници (59,1%) имаат поголема доверба во општините во кои живеат отколку етничките Македонци ((41,3%). Ова го покажаа резултатите од последното истражување
на МЦМС „Доверба во Владата и локални избори“.

Овде се презентирани резултатите од делот за локалните избори. Половина од граѓаните сметаат дека нивниот градоначалник не заслужува да биде реизбран. Вкупно 57,0% од етничките Албанци сметаат дека нивниот градоначалник заслужува да биде реизбран за разлика од 37,9% од етничките Македонци. Симпатизерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат дијаметрално спротивни ставови за реизборот на градоначалниците. Имено, 81,8% од тие на СДСМ сметаат дека заслужуваат додека 87,0% од симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека не заслужуваат да бидат реизбрани.

Тројцата најдобри градоначалници се: Митко Јанчев (Кавадарци), Арбен Таравари (Гостивар) и Максим Димитриевски (Куманово). За нив се изјасниле 10,5%, 7,5% односно 6,8% од испитаниците. Етничката припадност и афинитетите кон одредена политичка партија влијаеле на одговорите. За вкупно 44 градоначалници се изјасниле помалку од 1%, додека 14 градоначалници воопшто не се спомнати од испитаниците.

Прашани за која политичка партија ќе гласаат на локалните избори, 22,4% од граѓаните рекле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, а 21,6% за СДСМ. Поддршката за ДУИ и Алијанса за Албанците е 8,0% односно 6,2%, а за Левица 5,2%. Вкупно една третина од граѓаните или 34,0% е неизвесно за кого ќе гласаат на седмите локални избори во Македонија. Од нив, 15,2% рекле дека нема да излезат на гласање, а 15,9% рекле дека не знаат или одбиле да одговорат. Најмладите се најбројни меѓу оние за кои е неизвесно за кого ќе гласаат и изнесуваат 37,3%. За МЦМС, анкетата ја спроведе М-Проспект.